1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Америка сака да стане регион број еден во светот

ЕМФ/дв20 февруари 2014

САД, Канада и Мексико си поставија амбициозни цели. Нивниот регион треба да стане најконкурентен во светот. Особено значење притоа има соработката во енергетската сфера.

https://p.dw.com/p/1BCEV
Фотографија: Reuters

Северна Американ на 21-от век ќе постави нови стандарди во трговијата, одржливиот пораст и иновациите - со ваквата изјава американскиот претседател Барак Обама, канадскиот премиер Стивен Харпер и мексиканскиот претседател Енрике Пена Нието го завршија својот самит во Толука. „Решени сме да создадеме економски пораст за благосостојбата на наште граѓани“, соопштија државниците по еднодневната средба.

Поедноставни гранични и царински прописи

Тројцата соговорници, меѓу другото, договорија забрзување на граничните контроли и поедноставување на царинските прописи. На олеснување на пограничниот сообраќај особено инсистира Мексико. Поради строгите контроли на границата со САД, камионите мора често да чекаат со часови. Решение би било создавање заедничка царинска агенција, која би вршела проверка на документите за увоз уште во земјата од каде тргнува камионот. Освен тоа, соработката во безбедносната сфера треба да се продлабочи, а треба да се интензивира и академската размена.

Karte NAFTA Länder mit Flaggen
Фотографија: AP

„Енергијата има приоритет“

Трите држави, сепак, особено ќе се фокусираат на енергетскиот сектор. За тоа е потребна заедничка стратегија. „Енергијата има приоритет за нашите три земји“, се оценува во завршната декларација од средбата. Експертите проценуваат дека за добра соработка во енегретската сфера е особено важно отворањето на досега строго регулираниот мексикански енергетски сектор.

Обама, Харпер и Пена Нието имаат за цел и да го модернизираат Договорот за слободна трговија во Северна Америка, т.н. НАФТА. На пазарот опфатен со договорот живеат повеќе од 460 милиони луѓе. Тројцата политички лидери имаат намера да продолжат и со преговори за Транспацифичко стратешко економско партнерство (ТПП). Кон ваквата зона на слободна трговија би требало да припаѓаат 12 држави од Северна и Јужна Америка, како и од Азија и Океанија. ТПП би бил најголем внатрешен пазар на светот.