1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ се подготвува за избор на нов лидер

10 октомври 2006

По вонредната конвенција на која изгласа недоверба на лидерот Бучковски,партискиот врв на СДСМ утре би требало да го определи датумот на вонредниот конгрес на кој ќе се избира идниот шеф на најголемата опозициона партија.

https://p.dw.com/p/Adbr
Бучковски не планира формирање нова партија
Бучковски не планира формирање нова партијаФотографија: dpa

По парламентарните избори овие месеци продолжи да паѓа рејтингот на СДСМ,најголемата опозициона партија во Македонија.Но,во последните неколку години,социјалдемократската опција ја изгуби својата идеолошка матрица,не изврши внатрепартиско реформирање,не успеа кадровски да се обнови,зашто и релативно младите се со долг партиски стаж.Дали парламентрано политичкиот пораз на лидерот Владо Бучковски и самокандидатурата на Радмила Шеќеринска ќе овозможи нов правец на внатрепариски и идеолошки промени:

„За мене најбитно е да има разделување на идеите,а не во однос на личностите,тоа сега да не биде поддршка на Бучковски или Шеќеринска,туку поддршка на концепт“,оценува професор Даскаловски од Правниот факултет.

Некои од експертите велат дека слаба опозиција не само што не е коректив и конкурент на

власта,туку го гуши и демократскиот амбиент во една парламентарна средина.

„Ќе има не во таа смисла политичка криза,туку ќе има низок ниво на демократски живот во Македонија.Власта ќе си функционира,но нема да има корективи од другата страна,зашто тие ќе бидат преокупирани со себе“,рече професор Иљо Трајковски,социолог.

Според него,во СДСМ има криза на идентитетот и авторитетот,вели професорот:

„По заминувањето на Бранко Црвенковски,формално,од партијата,се покажаа луѓе кои очигледно сакаат да ја водат партијата,со амбиции да го прават тоа.Бучковски остана две години,не сум убеден дека другите кои што сакаат да го заменат,ако успеат во тоа,ќе потраат подолго време.Сегашните резултати покажуваат дека има криза на авторитетот која мислам дека ќе трае подолго време.“

Професорот Трајковски сепак не верува дека во СДСМ може да има ново бранување и излегување нова фракција во нова партија,како што тоа беше со НСДП и фракцијата на Тито Петковски.Партискиот врв на СДСМ кој не ја доби доверба на вонредната конвенција ќе треба деновиве да го подготви партискиот конгрес кој по еден месец треба да го избере новиот лидер.

Досегашниот лидер Бучковски,со останатото свое силно партиско лоби исклучува формирање своја партија и отцепување од СДСМ.Но,ќе бара промени во статутот за организирање легални форми на фракционерско дејствување.

Во претстојниот период ќе биде тестирана и способноста на Радмила Шеќеринска, која се самономинира за лидер,

да се одлепи од сенката на Бранко Црвенковски и неговите луѓе,кои беа најактивни и најмотивирани во симнувањето на Бучковски од лидерската позиција.