СДСМ поднесе интерпелација за Ставрески
2 мај 2012„Сметаме дека министерот за финансии Ставрески во изминатите години е најодговорен за катастрофалните економски политики што ги води Владата“, изјави денеска Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ. Тој истакна дека со буџетската политика не се креира развој во Република Македонија туку граѓаните и македонското стопанство дополнително се задолжуваат. „За овие шест години оваа Влада не може да се пофали со еден енергетски проекти, ниту со гасификација, ниту со изградба на патишта“, изјави Николов додавајќи дека се води лоша фискална и економска политика.
Поднесувањето интерпелација за работата на секој министер, вклучително и на министерот за финансии, е демократски чин и право на политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по поднесената интерпелација од страна на СДСМ. „Со задоволство ќе присуствувам на седницата на која ќе се дебатира, и треба да се дебатира, за економските состојби, за начинот на кој Република Македонија и Владата се справуваа со големите предизвици кои ги имавме во овој период“, посочи Ставрески, кој како што вели, очекува конструктивна и остра дебата за сите економски прашања.