1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ бира мандатар, ВМРО-ДПМНЕ протестира

25 февруари 2017

На седници на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ се очекува лидерот Заев да биде избран за мандатар. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе се спротивстави на предлог-законот за јазикот и ќе ја штити волјата на мнозинството

https://p.dw.com/p/2YF18
SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

На седница на Извршниот одбор во 11 часот, а веднаш потоа и на седница на Централниот одбор на СДСМ, се очекува партискиот лидер Зоран Заев официјално да биде избран за мандатар.

Ова уследи откако синоќа Централното претседателство на ДУИ одлучи да му ги даде десетте пратенички потписи на СДСМ, за да може партијата да достави докази за обезбедено парламентарно мнозинство и да го побара мандатот.  

„Поради некои околности поврзани со рокови, одлучивме да му дадеме поддршка на СДСМ со десет пратеници. Но тоа не значи дека имаме договор за коалиција. Се дава само поддршка за мандат за да се деблокираат некои процеси, да се запазат роковите за локалните избори, што поскоро да се донесат одлуки, а за тоа треба да се добие мандат и Собранието да почне со работа“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Во понеделник ќе биде донесена одлуката дали ДУИ ќе коалицира со СДСМ или ќе остане во опозиција, но ќе даде поддршка за формирање малцинска влада.

До претпладнето не беше прецизирано кога раководството на СДСМ ќе му ги предаде на претседателот Ѓорге Иванов доказите за обезбедно мнозинство.

Mazedonien Parlamentswahlen- SDSM-Vorsitzender Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја штити волјата на мнозинството

Паралелно со овие процеси, продолжуваат и реакциите од ВМРО-ДПМНЕ, која по синоќешна седница на Извршниот комитет соопшти дека „целосно се спротивставува на обидите да се игнорира и изигра волјата на мнозинството Mакедонци“. Реализацијата на платформата од Тирана и наметнувањето на албанскиот јазик како официјален, во партијата го оценуваат како „редефинирање на Република Македонија“ и спротивно на мултиетничкиот карактер на државата, при што припадниците на другите етнички заедници се во подредена позиција. ИК заклучил и дека „неповратно е погазено правилото на коалицирање на победничките партии во македонскиот и албанскиот блок“, без разлика дали ДУИ ќе коалицира со СДСМ или само ќе даде поддршка за формирање малцинска влада на СДСМ.

„Дел од членовите на предлог - законот за јазици на кој што се согласил СДСМ, а беа обелоденети во медиумите, се целосно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ и исклучително опасни и штетни по државните и националните интереси. Ваквите предлози и отстапки на СДСМ може да предизвикаат долгорочна штета и носат огромен потенцијал за да предизвикаат тензии и нестабилност на подолг период. Истовремено, голем дел од решенијата кои беа обелоденети со ништо нема да им помогнат за подобар живот на албанците во Македонија“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Според ДПМНЕ, одговорноста за таквата ситуација е целосно на товар на СДСМ, и ја обвинуваат партијата дека преку тргување со државните и национални интереси се обидува да обезбеди поддршка за формирање влада“.

„Извршниот комитет заклучи дека партијата и избраните пратеници ќе се спротивстават на донесувањето на ваков катастрофален закон и ќе преземат соодветни мерки за да ја заштитат волјата на мнозинството“, се вели во соопштението.

Во него не се прецизира на кој начин партијата ќе се спротивстави на тоа, ниту дали и натаму ќе продолжат со протести. Дел од нив се одржаа синоќа во повеќе општини, откако од централата биле дадени насоки итно да се свикаат седници и на општинските комитети на партијата во целата земја.