СДСМ бара брзо расветлување на петкратното убиство
16 април 2012Државата во овој момент треба да покаже институционален капацитет и што побрзо да ги изнесе сторителите пред лицето на правдата, повикаа од опозициската СДСМ, по петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.
Од партијата сметаат дека со секој изминат ден се намалуваат шансите за откривање на сторителите, а кај граѓаните, како што велат, е се’ повеќе присутен револтот и несигурноста.
„Да им оставиме доволно простор на МВР и безбедносните служби да си ја сработат својата работа. Брзото и ефикасно расветлување на овој случај е единствен начин да се расчистат сите шпекулации, кои се’ повеќе се појавуваат во јавноста“, велат од СДСМ.
„Македонското општество е соочено со сериозен предизвик да демонстрира зрелост по грозоморното убиство кај скопското село Смиљковци. Затоа, сметаме дека е неопходно уште еднаш да апелираме до јавноста да преовладее разумот во насока на смирување на страстите“, повикаа од опозициската партија.