Свечено финале на Рур 2010
18 декември 2010Голем настан од супер класа. На 9 јануари со прекрасно телевизиско шоу под отворено небо беше свечено прогласен почетокот на годината на Европската културна престолнина Рур. И покрај снежната бура и големиот студ, организаторите можеа да ја уверат публиката дека Рурската област сака 2010 година да ја искористи како почеток на структурната преобразба од регион на јагленокопи во културен центар.
Промена на имиџот на Рурската област
Највозбудливи моменти во текот на годината на Европска престолнина на културата беа големите настани. На пример одбележувањето на поранешните рударски окна со 311 големи жолти балони. Илјадници луѓе повторно го откриваа минатото на овој рударски регион. Еден друг голем настан беше затворањето на еден од најпрометните автопати во Германија. Цел ден на автопатот А40 наместо автомобили имаше илјадници луѓе кои беа повикани да претсават нешто што ја одликува културата не регионот. На „денот на песната“ пак имаше 600 концерти со илјадници пејачки и пејачи.
Организаторите на Европската престолнина на култура Рур 2010 сметаат дека успеале да го свртат погледот на цела Германија и на Европа кон шареноликиот културен живот во регионот и да ги разбијат стереотипите за идентитетот на Рурската област и нејзините граѓани: „Она што може да се каже е дека оваа 2010 година привлече големо внимание кон Рурската област. Во рамките на самиот региот се засили свеста за припадност кон него, а сметам дека и надвор од Рурската област дојде до промена на имиџот, кога станува збор за значењето на Рурската област“, вели Томас Лауе, драматург од Бохум кој раководеше со театарскиот проект „Наредна генерација“.
Мрачна сенка- трагедијата на „Парадата на љубовта“
Ветувањето да се претстави една културна престолнина за секого, од граѓаните да се направат активни учесници и да се вклучат сите градови во Рурската област е исполнето, порача пак раководителот на манифестацијата Рур 2010, Фриц Плајтген.
„Годината на Европската престолнина на културата, покажа дека со културата може да се постигне многу, дека културата се исплатува. Метрополата Рур истотака со помош на културата направи чекор напред. Сега е од големо значење на долг рок да се користи тоа што беше развиено во текот на оваа година“, изјави Плајтген.
Значи проектот Европска престолнина на културата според желбата на организаторите треба и во иднина да дава културни импулси за регионот.
Една сенка меѓутоа останува надвисната над сите успешни и надежни проекти во програмата на Европската престолнина на културата - трагедијата на „Парадата на љубовта“ во Дуизбург. Во човечко стампедо загинаа дваесетина млади луѓе. Овој настан ќе биде тематизиран и на церемонијата на свеченото затворање на проектот Европска престолнина на културата Рур 2010.
Автор: Кони Паул/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска