1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светскиот првак пресилен за Македонија

БГ/миа4 април 2013

Македонските ракометари не успеаја да му пружат посилен отпор на светскиот ракометен првак Шпанија во Скопје. Дополнителна грижа за новиот селектор Обрван се и повредите на Лазаров и Миркуловски.

https://p.dw.com/p/189Gj
Фотографија: Getty Images

Македонската ракометна репрезентација вчера (03.04) во Скопје загуби од Шпанија со 24:17. Само едно полувреме му беше доволно на актуелниот светски првак да го реши победникот на попладневниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Во првите 30 минути Шпанија направи разлика од шест голови (13:7). Прикажаната игра на избраниците на селекторот Ивица Обрван не им даваше надеж на 7.000 присутни во СЦ „Борис Трајковски“ дека во вториот дел може да се изненади силниот противник. „Црвената фурија“ рутинирано го одигра второто полувреме и не им дозволија на „црвено-жолтите“ во ниту еден момент резултатски да им се приближат.

„Игравме против една врвна екипа која доминираше во текот на целиот
натпревар, работата на стартот ни ја отежнаа неколкуте промашени зицери и
седмерецот. Не е трагедија да се загуби од светските шампиони. Не сум
најзадоволен од пристапот, односно од тоа како се боревме, но на крајот
натпреварот го играш онолку колку тоа ќе ти го дозволи противникот. Шпанија
го имаше и извонредниот Штербик на голот, кој на едноставен начин собра
многу зицери кои можеа натпреварот да го направат малку поинтересен.
Очигледно е дека некои играчи се преплашија од натпреварот. Она што ќе ни
ја отежни работата во реваншот е тоа што останавме без тројца играчи кои нема да играат поради повреди“, рече селекторот на Македонија, Ивица Обрван, кој дополни дека очекувал „малку подбра игра и посилен отпор кон противникот.“

Нападот на македонските ракометари не функционираше, првиот гол беше постигнат дури во 11.минута, Кирил Лазаров одигра само 20-ина минути, а потоа поради повреда го напушти теренот и не се врати во игра. Пред крајот се повредија и Филип Миркуловски и Владо Недановски. Големиот број технички грешки и промашените „зицери“ беа карактеристика за еден од најслабите натпревари на Македонија во последните неколку години.

Шпанците задоволни

Единствена светла точка беше голманот Петар Ангелов кој со своите одбрани спречи поубедлива победа за шпанскиот состав. Со овој пораз Македонија значително си ги намали шансите за второто место во групата кое обезбедува пласман на еврошампионатот во Данска.

Ivica Obrvan, Trainer der mazedonischen Handball-Nationalmannschaft
Ивица ОбрванФотографија: Zlatko Kalinski

„Пред да дојдеме тука знаевме со каков противник ќе се соочиме, ја
почитуваме македонската репрезентација, знаевме дека не‘ чека тежок
натпревар. Задоволен сум како одигравме и во нападот и во одбраната, а
Арпад Штербик покажа како треба да се спои одбраната и нападот, затоа го сметам за еден од најдобрите голмани во светот“, рече шпанскиот селектор Валерио Ривера, кој посебно ја пофали публиката.

Вториот натпревар од 3.коло во групата 1 ќе се одигра денеска, кога Швајцарија ја пречекува Португалија. Табела: Шпанија 6 бодови, Португалија 2 (натпревар помалку), Македонија 2, Швајцарија 0 (натпревар помалку).