Светска Банка со жестока критика за Германија
8 октомври 2011Претседателот на Светската банка Роберт Зелик во интервју за магазинот „Виртшафтсвохе“ изнесе критика за постапките на германската влада предводена од канцеларка Ангела Меркел, во кризата во еврозоната. Тој изрази жалење што германската влада нема визија за натамошниот развој на еврозоната.
Политиката е хаотична, а на пазарите им е потребна јаснотија
Според првиот човек на Светска Банка, многу нешта во политиката во моментов се случуваат хаотично, а на економијата и на пазарите им се неопходни ориентација и јаснотија.
„Пред повеќе од 20 години, кога источниот блок се распадна, канцеларот Хелмут Кол покажа визија како нештата можат да се развиваат. Денеска ни‘ недостасува такво нешто и колку тоа повеќе трае, толку повеќе пари ќе не‘ чини и толку повеќе ќе се стеснува кругот на можностите за решенија“, изјави Зелик во интервју за „Виртшафтсвохе“, чиј број ќе излезе во понеделник (10.10).
Другите големи европски држави не можат да понудат решенија
Зелик нагласи дека Германија во справувањето со кризата мора да преземе поголема одговорност. Останатите големи европски држави како Франција , Италија и Велика Британија, во моментов, од различни причини не можат да понудат решенија, изјави Зелик дополнувајќи:
„Досега Европејците се обидуваа да ги средат своите проблеми со помош на ликвидноста. Не сакам тоа да го критикувам, но така проблемот не се решава. Така само се добива време“, дополни Зелик, кој со Меркел се сретна во четвртокот (06.10) во Берлин, прецизираат агенциите.
Автор: СН/ЕМФ/дв/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска