Светот се соочува со климатска катастрофа
28 ноември 2012Светот се соочува со огромна катастрофа и потребна е итна реакција, гласи пораката упатена на Конференцијата за климата што се одржува во Доха, а која би требало да вроди со прифаќање на клучниот документ, Протоколот од Кјото 2.
„Се соочуваме со катастрофа од огромни размери и потребно е итно да се делува“, порачаа претставниците од островските земји, кои се посебно изложени на климатските промени. Протоколот од Кјото истекува кон крајот на декември и многу е важно да се донесе договор за следниот период, за да можат преговорите на конференцијата, на која има претставници од 190 земји, да имаат успех.
„Веќе седум години развиените индустриски земји зборуваат, зборуваат и само зборуваат за своите обврски за смалување на емисиите на штетни гасови. Но, доаѓа моментот кога треба нешто да се направи. Тој момент дојде“, изјави Марлен Мозес, претставничка на Сојузот на мали островски држави, вкупно 44, кои најмногу ги чувствуваат последиците од покачувањето на нивото на морињата.