1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот е соочен со трет нафтен шок

Јирген Дешнер3 јули 2008

Цената на нафтата денеска отиде и преку 146 евра за барел. Смирување не само што не е на повидок, туку експертите очекуваат натамошен раст. Високата цена почнува да го загрозува глобалниот стопански пораст.

https://p.dw.com/p/EVfF
Нафтата - црно злато: рафинерија во Саудиска АрабијаФотографија: dpa

Рекордните цени влијаат за забавување на темпото кај потрошувачката, но снабдувањето ќе остане „тесно грло“ и во наредните години, се проценува во годишниот извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИАЕ), поднесен на Светскиот конгрес за нафтата, што се одржува во Мадрид. По шест години константен пораст на цените до сегашните рекордни вредности, оптимизмот ја напушти ИАЕ, која е всушност организација на земјите-потрошувачки на нафта.

„Кај цена од преку 140 долари за барел може недвосмислено да се зборува за нафтен шок. Високата цена почнува да го загрозува глобалниот стопански пораст“ - рече во Мадрид Нобуо Танака, шеф на Агенцијата за енергетика.


Производството нема да ги задоволи потребите


Во наредните пет години побарувачката ќе расте побавно, токму поради високите цени, но истовремено ќе опадне производството, произлегува од една студија на Агенцијата. „Најнесигурен фактор е стапката на опаѓање на црпењето нафта од постоечките полиња. Ние во студијата констатиравме дека експлоатацијата во наредните години ќе опаѓа просечно по пет насто годишно. Тоа значи дека ни се потребни 3 ипол милиони барели нафта годишно од нови извори, за да се одржи производството на денешното ниво“ - вели Лоренс Иглс, автор на студијата.

Но, се прогнозира дека потребите ќе растат за околу еден милион барели годишно. До 2020-та треба глобалната потрошувачка да порасне од сегашните 85 на 100 милиони барели дневно.


Со високи цени до средства за инвестиции во нови извори на нафта


Дури и во нафтените концерни се распространети сомневањата дали таква бројка било кога може да биде постигната. „Потребно е да се инвестираат милијарди и милијарди. Оттука е јасно зошто е висока цената на нафтата: нам ни се нужни високи цени, за да можеме да експлоатираме нови природни резерви“ - објаснува Кристоф де Маржери, шеф на Управниот одбор на францускиот концерн Тотал. Тој предупредува да не се претерува со напорите за намалување на цената на нафтата - барем во тоа ги има сите колеги на своја страна.