1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сведок на надежите и заблудите на своето време

11 јули 2010

Прочуената германска писателка Криста Волф деновиве има две причини за задоволство. Таа имено е прогласена за прва добитничка на литературна награда „Томас Ман“, непосредно откако го издаде нејзиниот последен роман .

https://p.dw.com/p/OFIv
Криста ВолфФотографија: picture alliance / dpa

Криста Волф во нејзиниот животен опус критички и самокритично ги претставува борбите, надежите и заблудите на нејзиното време и тоа со длабока морална искреност и раскажувачка моќ, се вели во образложението на Културната фондација на градот Либек, објавено на почетокот на неделава. Наградата „Томас Ман“ за животно дело или за извонредни заслуги во областа на литературата, заеднички во иднина ќе ја доделуваат градот Либек и Баварската академија на уметности. Многумина критичари велат дека Криста Волф е извонреден избор за прв лауреат. Меѓу најпознатите романи на Волф спаѓаат „Размислувања за Криста Т.“, „Касандра“ или „Медеа. гласови“. Нововостановената награда на Волф ќе и биде врачена на 24 октомври.

Волф ја заслужува и Нобеловата награда

Die deutsche Schriftstellerin Christa Wolf,
Криста Волф во времето на ГДРФотографија: picture-alliance/ZB

Последниот роман на 81 годишната писателка, „Град на ангелите“, беше објавен неодамна. Веднаш по објавувањето, тој го привлече вниманието на јавноста, меѓудругото и поради фактот што станува збор за писателка која е ценета во целиот свет и најпозната авторка од поранешната Германска Демократска Република. Нејзините дела се преведени на бројни светски јазици. Многумина сметаат дека Криста Волф ја заслужува и Нобеловата награда за литература.

На претставувањето на книгата имаше околу 700 гости. Пријатели, колеги, читатели... сите дојдоа да ја видат Криста Волф. Новата книга на писателката ја претстави нејзиниот пријател и директор на литературниот отсек на Академијата за уметности, Инго Шулце:

„Ќе кажам дека овој текст само на прв поглед е еден вид журнал или патепис. Тој жанр е употребен само затоа што истовремено нуди и друг вид слобода. Во прашање е многу пофина текстуална материја. Можеби дури и добар пример за животот.“

Ова е квалификација со која Криста Волф е многу задоволна. Таа работеше на книгата „Градот на ангелите“ повеќе од десет години.

Неслужбена соработничка на Штази

Buchcover Christa Wolf: Stadt der Engel (Suhrkamp)
Насловната страница на „Градот на ангелите“

Таа го запишувала она што тогаш го доживувала и што секојдневно ја преокупирало:

„Се вратив со огромно количество ракописи, кои ги ставив настрана. Се занимавав со некои други работи, но од време навреме се враќав на тие текстови. Најпосле почнав да ги читам и од нив да ја создавам книгата“

„Градот на ангелите“ се разбира е Лос Анџелес. Криста Волф во 1992/ 93 како стипендист девет месеци престојуваше во американскиот град. Бил Клинтон стана претседател на САД, во Источна Германија зачестија десничарските напади врз азилантите, а во јавноста беа објавени и актите на злогласната тајна служба на ГДР - Штази за писателката. Многумина што дотогаш ја славеа како дисидент, одеднаш започнаа да ја нарекуваат државна писателка. Имено во досиеата можеше да се види дека во периодот од 1959 и 1962 година Волф била т.н „неслужбена соработничка на службата“. Но по три години таа ги прекинала сите контакти со службата и од крајот на 60 години била непрестајно цел на надзор од страна на Штази, за што сведочат и 42 полициски досиеа.

Автор: Зилке Бартлик/ Симе Недевски/дпа

Редактор: Жана Ацеска