1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сајбер-криминалот да се третира кaко заразна болест

Милчо Јованоски16 јуни 2013

НАТО неделава во Охрид одржа работилница посветна на сигурносните политики за борба против сајбер-криминалот. Преку замислени вежби и реални примери експертите креираа нови алатки за безбедност на сајбер-системите.

https://p.dw.com/p/18qhZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шеесетината експерти и практичари од Балканот, САД, Германија, Израел и други земји, поддржани од НАТО и Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, дискутираа за „Најдобрите практики и иновативни пристапи за развивање на рамка на сигурносни политики за сајбер-безбедност“. Се тестираше нивната издржливост, снаодливост и инвентивност во зададени вежби и ситуации. „Сајбер криминалците во реалноста не ги најавуваат нападите, ниту даваат рокови, туку ги разоруваат системите. Ги дискутираме елементите на националната сајбер-политика, бидејќи најголем дел од инфраструктурата не е во владение на државите, туку во приватниот сектор“, вели за ДВ копретседателот на работилницата Филип Сусман од САД. „Наша цел е развојот на сигурносни политики за подобрување на сајбер-безбедноста, посебно на критичната ИКТ-инфаструктура во Македонија. Единствен начин на заштита е постојаната будност и ревизија на постоечките алатки. Мораме да бидеме чекор пред напаѓачите за да ги осуетиме нивните намери и навреме да преземеме проактивни мерки пред да се случат нападите“, објаснува македонскиот копретседател на работилницата Александар Ристески.

Никој не е имун на сајбер криминалот

Преку вежби експертите откриваа кој е одговорен при сајбер-нападите - поединецот или некој сектор во некоја компанија и дали и кога треба да биде вклучена и полицијата и кога случајот треба да се третира како акт против националната безбедност, а ја разгледуваа и правната рамка за спроведување на сајбер-политиката. „Последен реален пример ни се случувањата во Турција и одговорот на прашањето: каде е компромисот меѓу слободното изразување и политичката стабилност? На една страна имаме слободно изразување и користење на модерни технологии и користење на сајбер-просторот за ширење на разни информации, а таквите активности доведоа до масовни протести преку кои се загрозува политичката стабилност на Турција,“ вели Сусман.

Filip Susman und Aleksandar Risteski
Филип Сусман и Александар РистескиФотографија: DW

Според Предраг Пале од Факултетот за електротехника и компјутери од Загреб, никој не е имун на сајбер-криминалот. И струјата, водата, гасот, трговијата, се управуваат преку компјутерите и ако дојде до грешка во тие системи тогаш граѓаните се загрозени. „Мнозинството од земјите, дури и овој регион, имаат добри закони. На пример, пишува дека доколку некој чепка во туѓ компјутер или се обидува од далеку да влезе во него, ќе одговара кривично. Ако некој тоа го прави на компјутери кои и‘ припаѓаат на владата или државата, казните се и до три пати повисоки. Значи, закони имаме. Но, способноста да се одреагира и да се препознае дека нешто се случува и потоа тоа да го поправиме не е доволна добра“, признава Пале.

Да се надмине бавната администрација и да се реагира брзо и здружено

Во практиката се смета дека помалку од еден отсто од случаите се пријавуваат. Доколку институциите преживеат сајбер-напад, го кријат тоа. Сметаат дека клиентите ќе ги одбегнуваат и ќе ги третираат за несигурни. „Предложив на сајбер-криминалот да се гледа како на заразна болест. Закон ќе ги принуди сите да ги пријават нападите, бидејќи тие ќе се шират како зараза. Компјутерските вируси и напади се многу слични со заразните болести. Предложив да разгледаме како се третираат заразните болести и тоа да ни биде модел и во борбата против сајбер криминалот“, вели Пале.

Predrag Pale
Предраг ПалеФотографија: DW

На прашањето - каде е местото на НАТО во одбраната од сајбер-криминалот, Пале одговара: „Тоа е она што се обидуваме да откриеме. Секоја земја мора да создаде свој систем. Но, сајбер-светот не познава граници, криминалци, терористи. Ако јас згрешам овде во Охрид, грешката ќе се прошири можеби до Нов Зеланд. Од НАТО како организација добро е да се учи. Како луѓе од академската заедница се обидуваме да дојдеме до формула како да се придвижи гломазната хиерархија за меѓународна соработка. За среќа, законите за сајбер-криминалот се модифицираат. Државите веќе имаат 24-часовни контакт-центри. Постојат примери за брза соработка и обезбедување и откривање на овој вид криминал. А писмените барања кои се потребни за да се тргне во ваква акција, се средуваат подоцна“, објаснува Пале.

„Меѓународната соработка на Балканот би можела да резултира со формирање на центар за сајбер-политики во Охрид. НАТО дава поддршка, но нема одлука за формата и структурата на центрите. Сепа,к не мора да се чека на НАТО, туку и самите држави час поскоро би можеле да го сторат тоа“, заклучува Сусман.