Сан Су Чи најави нова ера во Мјанмар
2 април 2012Празнична атмосфера пред малата партиска централа на Националната лига за демократија (НЛД) во Рангун. Приврзаниците на Аунг Сан Су Чи ја прославуваат изборната победа на нивната Лејди, како што во Мјанмар ја нарекуваат лидерката на опозицијата.
Сан Су Чи, според НЛД, освоила 99 проценти од гласовите во нејзината изборна единица Каухму, јужно од Рангун. Официјални резултати од изборите се‘ уште нема. Тие ќе бидат познати веројатно за неколку дена. НЛД стремеше кон освојување на 44 мандати - од нив сигурни се 43 пратенички места, тврдат во партијата.
„Успехот што го постигнавме е успех на народот. Не е толку наш триумф, колку што е триумф на луѓето кои решија дека треба да бидат вклучени во политичкиот процес во земјата“, изјави денеска Сан Су Чи пред илјадници нејзини приврзаници, најавувајќи нова ера во земјата.
Очекувањата за голем успех на опозицијата се остварија. Сан Су Чи и нејзината Национална лига во парламентот располагаат само со десет проценти од мандатите, но големината на изборната победа им дава морална сила. Приврзаниците како Тан Да Минт Аунг Ки, се одушевени: „Многу сме среќни поради победата на Аунг Сан Су Чи. По нејзината победа, земјата конечно доби подобри политичари. Сега се‘ ќе биде поинаку.“
Тау Да Тун, среде море од црвени знамиња со партиското лого на НЛД, одушевено вели: „Аунг Сан Су Чи победи на изборите. Не можам да опишам што тоа за мене значи. Кога Сан Су Чи ќе влезе во парламентиот, тогаш ќе се остварат нашите итни желби. Цврсто верувам во тоа.“
А желби има многу. Земјата има потреба од работни места, од подобро ниво на образование, потребно е да се ослободат сите политички затвореници, етничките малцинства треба трајно да се помират. Погледот е свртен нанапред. Набљудувачите на изборите соопштија дека се‘ минало мирно. Во Мјанмар сега се поставува прашањето - дали ќе бидат укинати санкциите против земјата. Тоа за претседателот Теин Сеин би била покренувачка сила за реформи, зашто со укинување на санкциите би се отвориле и можности за странски инвестиции. Прашањето кое чека одговор веднаш по изборите сепак гласи - дали Теин Сеин ќе и‘ понуди на Сан Су Чи позиција во владата?