1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции за авторитарните режими

24 мај 2011

Министрите за надвореши работи на земјите од ЕУ постигнаа согласност за воведување санкции против Сирија, Иран, Либија и Белорусија и ја разгледаа состојбата на Блискиот Исток и политичките промени во арапскиот свет.

https://p.dw.com/p/11MfD
Фотографија: AP

Седницата на министерскиот совет мина целосно во знакот на санкции. Шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ постиганаа согласност за воведување санкции против Сирија, Иран, Либија и Белорусија. Во случајот со Сирија, Европската унија најпрво го иззема претседателот Башар ел Асад од санкции, меѓутоа тој не ги исполни очекувањата, подвлекува германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле: „На сирискиот претседателот Башар ел Асад му беше понудено да биде изземен од санкциите доколку се врати кон политиката на дијалог и ако ги прекине репресиите врз сопствениот народ. Тој не го искористи тоа. Затоа сега мораме да ги прошириме санкциите, оти ако некој на тој начин врши репресии врз сопствениот народ, Европската унија не може да остане глува“.

Muammar al-Gaddafi und Aljaksandr Lukaschenka
Моамер Гадафи и Александар ЛукашенкоФотографија: AP

Имено, Асад, членови на неговото семејство и група блиски соработници добија забрана за патување во земијте на ЕУ, а нивниот имот во ЕУ е замрзнат.

Политичките процеси во Белорусија се неприфатливи

Што се однесува до Иран, околу 100 претпријатија добија забрана да тргуваат со европските фирми. Брисел на овој начин има намера да ја врати земјата на преговарачка маса за иранската атомска политика.

Забрана за патување во ЕУ добија и 13 лица блиски до белорускиот претседател Александер Лукашенко. „Во Минск, кој се наоѓа на европскиот континент, се’ уште постојат целосно неприфатливи политички процеси и политички мотивирани пресуди“, изјави шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд.

Поддршка за палестинска држава

Првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон
Првиот дипломат на ЕУ, Кетрин ЕштонФотографија: dapd

По прашањето за Либија ЕУ и натаму е поделена и неодлучна. Едни држави ја подржуваат воената интервенција на НАТО, а други се против. И покрај повеќенеделните борби, не е на повидок победа на бунтовничките трупи. Покрај тоа во текот на изминатиот викенд шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон во Бенгази отвори канцеларија на Европската унија и вети долгорочна поддршка. „Овде сум за да ви порачам дека поддршката на ЕУ нема да биде краткорочна, туку обемна и длабока. Не сакаме само сега да ви помогнеме, туку и во иднина, онолку долго, колку вие ќе сакате“, изјави Ештон.

Министрите на ЕУ постигнаа согласност и за поддршка на блискоисточните мировни преговори и основање на палестинска држава. Според германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, тоа е многу важно за т.н. арапска пролет да биде успешна.

Автор: Кристоф Хаселбах/ Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски