1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самостојно користење на помошта од ЕУ

Горан Петрески 27 јануари 2009

Со повеќе од 12.000 страници документација Македонија ќе го уверува Брисел дека е кадарна самата да ги управува парите од европските фондови на кои Македонија има право како земја кандидат за членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/Ggd5
ЕУФотографија: DW

Властите во Скопје планираат мошне скоро да и‘ ја предадат апликацијата на Европската комисија. Станува збор за инструментот за претпристапна помош на кој Македонија има право како земја кандидат за членство во Европската унија. Во конкретниот случај ИПА-компонентите за Македонија предвидуваат повеќе од 300 милиони евра за период од три години. Институциите во Македонија две години се подготвуваат за да ги исполнат стандардите утврдени од Европската комисија, според кои државата може децентрализирано да ги користи европските фондови без посредство од Европската агенција за реконструкција.

Се очекува позитивен одговор

Вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски очекува за неколку месеци позитивен одговор од Европската комисија. „Со завршувањето на овој процес, Македонија влегува со една нога во Европската унија, домашните институции стануваат дел од сложениот систем на институции во Унијата. Македонија самостојно ќе управува со европските фондови, ќе ги насочува кон свои приоритети и свои потреби“, изјави Боцевски.

Ivica Bocevski
Ивица Боцевски, вицепремиер за евроинтеграцииФотографија: Dragan Todorovski

Повеќе видови помош

Инструментот на Европската унија за претпристапна помош се состои од пет компоненти - помош за транзиција и институционална надградба, помош за прекугранична соработка, помош за регионален развој, помош за развој на човечки ресурси како и пари за рурален развој. Министерот за финансии Трајко Славевски објаснува дека некои инфраструктурни проекти се веќе одобрени.

Mazedonischer Finanzminister Pressekonferenz
Министерот за финансии Трајко Славевски

„Се финансираат проекти во областа на транспортот, во износ од 70 до 80 отсто од предвидените средства, и проекти од животната средина 20 - 30 отсто. Големи проекти кои се веќе одобрени од Европската комисија се проектот за изградба на патна делница Демир Капија-Смоквица од коридорот 10 и изградба на систем за третман на отпадни води во Прилеп,“ изјави Слевевски.

За предавањето на апликацијата е предвидена одредена церемонија во Брисел, кога двоецот Боцевски-Славевски на соодтветно ниво ќе го предадат обемниот пакет документација во Европската комисија. Македонија долго време беше критикувана дека поради слаб административен капацитет недоволно ги искористува европските пари.