1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Самит на НАТО: Поголема и похомогена Алијанса против Путин

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт
30 јуни 2022

Со Финска и Шведска, НАТО добива две нови членки. Источното крило е засилено со повеќе трупи. Ова е вистинскиот курс против Путин сѐ додека САД се посветени на Алијансата, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/4DPuB
Финска, како идна членка, во НАТО носи извонредно обучена и добро опремена армија.
Финска, како идна членка, во НАТО носи извонредно обучена и добро опремена армија.Фотографија: Naina Helen Jama/TT News Agency/AFP/Getty Images

Рускиот властодржец и воен подбуцнувач Владимир Путин се пресмета. Тој не добива помалку НАТО, како што побара во ултиматумот на почетокот од годинава, туку повеќе НАТО на сопствените граници. Шведска и Финска ќе се приклучат кон Алијансата со рекордна брзина. Како што беше ветено во 2008 година, вратата на НАТО останува отворена за Украина и за Грузија и за другите европски земји. Убиствените напади на Путин врз Украина го зближија НАТО поблиску отколку кога било од крајот на Студената војна. Затоа, самитот на НАТО во Мадрид со право може да се нарече историски, или пресвртница.

Алијансата не само што ќе се прошири, туку ќе усвои нова стратегија која ја опишува Русија како најголема закана, а не повеќе како можен партнер. Путин ги принудува Европа, САД и Канада повторно да се фокусираат на територијалната одбрана долж источното крило на НАТО. Ова ќе има далекусежни последици за армиите и за општествата во Европа. Неопходни се повеќе пари, повеќе работна сила, повеќе оружје и ново стратешко размислување за да се справиме со враќањето на империјалистички мотивираната војна во Европа. 300.000 војници кои во иднина треба да бидат во борбена готовност се само почеток. Трајното стационирање на војници на источното крило, меѓу нив и на припадници на Бундесверот, ќе биде неопходно доколку Путин и неговиот систем останат на власт. 

Блокирањето немаше смисла 

Турција, токму навреме пред самитот се откажа од бесмисленото вето против приемот на Шведска и Финска во Алијансата. Одбивањето на двете земји апликанти од Северот значително ќе го разнишаше единството во НАТО.  Ваков подарок едноставно не смееше да му се даде на Путин. Турција, Шведска и Финска, со силно американско содејство, го направија она што може да се очекува од пријателските држави за време на една од најголемите кризи од основањето на НАТО. Тие се договорија - за поголемо добро. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, доби голем број ветувања за борбата против тероризмот, за олеснување во купувањето на американски воени авиони и муниција, за неговата домашна политичка положба во брзорастечката економска криза. Тој може да се претставува како силен човек кој се залага за турските интереси.

Бернд Ригерт, автор на коментарот
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Шведска и Финска можат лесно да се справат со ветувањата што ѝ ги дадоа на Турција. Ќе се испитува екстрадицијата на Курдите осомничени за тероризам во Турција. Дали тоа ќе се случи зависи и од тоа дали Турција ќе може да гарантира законски судски процес, во што треба да се има сомнежи. Шведска и Финска за возврат ќе добијат поголема безбедност и солидарност во Алијансата.

Директната граница на Финска со Русија ќе му додаде уште 1.300 километри на источното крило на НАТО. Таа треба да биде заштитена. Тоа на Финска ѝ го ветија останатите членки на НАТО. Земјата, од друга страна, во Алијансата носи извонредно обучена и добро опремена армија која треба да спречи руска агресија од север. Финската и шведската армија ќе бидат вредно дополнување на НАТО. Алијансата ќе стане посилна. Војниците од Финска и од Шведска, исто така, наскоро ќе играат поголема улога и во одбраната на балтичките држави и во контролата на Балтичкото Море. 

„Мозочната смрт“ е опасност 

Значи, идниот курс на НАТО е утврден: одбрана од руската закана, заеднички, со сите конвенционални средства, со одвраќање, со масовни контингенти на трупи. Она за што се веруваше дека е надминато во Европа се враќа со полна сила. Колку ќе стане сериозна ситуацијата за НАТО сега зависи од исходот на руската војна против Украина. Ако Украина падне, тогаш балтичките држави, но и Молдавија или Грузија, би можеле да бидат следните цели на мегаломанијата на Путин. Ако Русија биде потисната назад, НАТО ќе мора да спроведе масивна политика на утврдување.

Идниот курс на НАТО масивно зависи од најголемиот и најважен сојузник, САД. Владата на Бајден е цврсто посветена на Алијансата, така што нема потреба за загриженост. Но, ако републиканец, или дури Доналд Трамп, победи на претседателските избори во 2024 година, НАТО ќе западне во уште една длабока криза. Дали во таков случај Европејците, според францускиот модел, ќе бидат доволно „суверени“ за да се бранат самите е дискутабилно. Во моментов, Алијансата е жива и клоца, но „мозочната смрт“ е опасност што не треба да се потцени, особено затоа што Трамп и компанија би биле подготвени да ја жртвуваат Украина за да му излезат во пресрет на рускиот властодржец.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија