1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит: ЕУ излегува од критичната состојба

Барбара Везел
22 јуни 2017

Брегзит, европската одбранбена политика и миграцијата – ова се главните теми на ЕУ самитот кој се одржува денеска и утре. Но, овојпат расположението е пооптимистичко од претходно. Од Брисел Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/2fB1y
Großbritannien EU-Ratspräsident Donald Tusk
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Rain

Поканата за бриселскиот самит што ја испрати претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, повеќе беше доживеана како вовед во заедничка депресија, бидејќи сѐ повеќе станува збор за тешки кризи и предизвици. Но, овојпат Туск демонстрираше ведрина: „Најновите случувања на континентот се чини покажуват дека постепено излегуваме од критичната состојба“, им напиша тој на шефовите на влади на 28-те земји членки.

Причините се следни: анкетите покажуваат пораст на поддршката за ЕУ. Се зголемува и економскиот раст. Отпорот кон претседателот на САД, Доналд Трамп и Брегзит многу повеќе ги сплотија 27-те држави. Во Франција е избран проевропскиот кандидат Емануел Макрон. Оваа добра вест го подигна расположението што го потврди и германската влада во Берлин.

Зајакнување на соработката

По изборите во Франција германско-францускиот тандем повторно е во акција: Пред самитот има тесна координација со претседателот Макрон, велат од владини кругови во Берлин. Пред сѐ, германската канцеларка Ангела Меркел може да се радува дека сега повторно има партнер во Европа кој е подготвен да го преземе својот дел од задачите.

Ова игра голема улога особено во делот на заемна соработка во европската одбранбена политика за која со месеци веќе се преговара. Шефовите на влади сакаат зајакнување на соработката и поставување на вистинските насоки. Конкретни заклучоци околу финансирањето и индивидуалните проекти ќе следат подоцна. Сега пред сѐ се работи на тоа како треба да изгледа соработката и кој сака, но и кој смее да учествува. Ставот на Германија е дека некои земји можат побрзо да одат напред, а другите да го следат патот по сопствена волја.

Претседателот на Советот, Туск пак, се залага за заедничко одење напред и е против „движење со различни брзини“. Отпорот главно доаѓа од Полска и дел од источноевропските земји. За разлика од нив, балтичките земји и Скандинавија поради стравот од заканите од Русија се заинтересирани за побрзо проширување на одбраната.

Symbolbild polnische Soldaten | Polen zieht Soldaten aus europäischer Eurokorps-Truppe ab
Зајакнување на заедничките одбранбени потенцијали е една од темите на самитот на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

ЕУ е единствена во однос на отпорот кон Доналд Трамп: целосно се отфрла предлогот за нови климатски преговори за Парискиот климатски договор. Во однос на горливото прашање околу миграцијата постои молк. Нема напредок околу договор за заедничко право на азил ниту за прераспределбата на бегалците. Но, во моментов се чини дека земјите членки ја држат под контрола миграцијата и тие планираат соработка со земјите од каде доаѓаат мигранитите како и со транзит земјите како Либија. Се чини како спорот околу ова прашање да е надминат.

Брегзит како десерт

Како десерт за време на вечерата в четврток, Тереза Меј на своите колеги ќе им ги презентира плановите за Брегзит – ако воопшто ги има. Се очекува дека ќе има барем конкретен предлог околу заедничко решение за правата на граѓаните на ЕУ во Велика Британија, и обратно за Британците кои живеат на континентот. Оваа тема стои високо на дневниот ред на преговорите.

„На самитот повеќе ќе се разговара за наслови", ги намали очекувањата висок ЕУ дипломат. Но, тука се важни деталите: Кој е крајниот рок, што ќе важи за членовите на семејството, кои судови ќе бидат надлежни во споровите? Премиерката нема намера да ги признава пресудите на Европскиот суд на правдата, конечно тие ќе бидат „трета земја". Тоа само по себе има огромен потенцијал за конфликт. Деталите треба да бидат објавени следниот понеделник.

London Theresa May nach Treffen mit  DUP Leader Arlene Foster
До каде ќе оди кавгата со Британците поради Брегзит? фото: Тереза МејФотографија: Getty Images/J. Taylor

Пазарења околу наследството на Британците

Секако ниту овој самит нема да помине без кавга. Овојпат станува збор за новото седише на Агенциите на ЕУ кои ќе треба да се повлечат од Велика Британија по Брегзит. Виена, Барселона и Будимпешта силно се рекламираат да ги придобијат 890 вработени во Агенцијата за лекови, ЕМА. Да се придобие во својата земја ваква европска агенција не е само престиж, туку носи и големи приходи и поттикнува развој на инфраструктура. Германија го номинираше Бон како можно седиште на некои од агенциите – всушност секоја земја членка сака дел од колачот. Истото се однесува и за европскиот банкарски сектор. Франкфурт се смета себе си за предодреден да биде седиште, но и Париз и Милано се вклучени во трката.

Ќе има кавга околу тоа кој ќе го добие „крзното на мечката", односно наследството на Британците по Брегзит.

Лидерите на ЕУ сакаат на овој самит да донесат барем одлука околу постапката за избор на идните седишта. Ова ќе биде малку како на натпреварот за избор на Песна за евровизија: Во прелиминарниот круг земјите-членки може да дадат шест гласа за три локации и потоа првите три места влегуваат во круг на елиминација. Овој предлог сам по себе е многу контроверзен. Исто така, се очекува дека источноевропските земји ќе се здружат и ќе играат тактички при изборот. Сепак, овој судир меѓу европските браќа и сестри ќе треба да се заврши најдоцна во ноќта додека трае самитот.