1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ја менуваат тактиката во Ирак

22 октомври 2006

Претседателот Буш вели дека се менува тактиката, а целта останува иста - победа. Разногласие кај политичарите и од иста партија околу иднината на Ирак.

https://p.dw.com/p/Ac2F
Претседателот на САД Џорџ Буш
Претседателот на САД Џорџ БушФотографија: AP

Октомври, судејќи според се’, ќе биде најкрвав месец за американската војска во Ирак: повеќе од 70 војници го загубија животот. Армијата во четвртокот го призна неуспехот на заедничката операција со ирачките безбедносни сили за запирање на насилството во Багдад. Во петокот агенциите востаниците привремено го зазедоа градот Амара на југот на Ирак.

Притиснат од настаните, а и од сопствената Републиканска партија, претседателот Џорџ Буш навести промена на воената тактика. “Нашата цел во Ирак е јасна и непроменлива: победа. Она што ќе се смени е тактиката што ќе ја примениме за да ја постигнеме целта” – рече Буш во редовното неделно обраќање преку радиото.

Во САД експерти, како Ентони Кордсмен од Центарот за стратегиски студии во Вашингтон, од порано укажуваа дека нешто мора да се менува: “Не може да се држи курсот и кога работите постојано се влошуваат. Ако не го промениме курсот ќе биде неможно да се држи под контрола граѓанската војна и ќе ги загубиме сите можности воопшто да имаме влијание врз ситуацијата”.

Поранешниот советник во министерството за надворешни работи Ричард Хас бара промена на целокупната стратегија околу Ирак: “Војната во Ирак веќе не може да се добие. САД сега мораат да барат патишта да ги ограничат загубите и трошоците. Во меѓувреме мора да се бараат и патишта како може да биде постигнат напредок на други места во регионот и како можат да бидат придушени негативните консеквенции од ситуацијата во Ирак”.

Во Белата куќа е востановена комисија за Ирак на чело со некогашниот министер за надворешни работи Џејмс Бејкер, која – како што можеше да се дознае, ќе предложела во решавањето на ирачкиот проблем посилно да се поврзе и регионалното опкружување, вклучително Иран и Сирија, како и палестинско-израелскиот конфликт.

Инаку, политичарите - дури и во рамките на Републиканската партија, се поделени во гледањата за иднината на Ирак: едни, како сенаторот за Тексас Кејт Хачинсон, се за поделба на земјата на курдски север, шиитски југ и сунитски центар. Други, како сенаторот Џон Меккејн бараат испраќање дополнителни трупи, иако армијата веќе сега е дојдена до границата на своите капацитети. Демократите, пак, бараат повлекување во фази од Ирак.