САД: тешко невреме на истокот - пожарот пустоши во Колорадо
1 јули 2012Тешка летна бура на истокот на САД однесе најмалку 12 животи, а го прекина напојувањето со електрична енергија за речиси четири милиони луѓе. Во рок од само неколку часа, во текот на ноќта, големото невреме мина низ девет сојузни држави, а ветриштата достигнаа брзина од преку 120 киломерти на час. Само во поширокиот регион на главниот град Вашингтон од невремето беа погодени, 1,5 милиони домаќинства. Населението говори за едно од најтешките невремиња во тој дел на земјата во последниве години.
Во Вашингтон во меѓувреме е прогласена вонредна состојба, која ќе биде во сила 15 дена. Вондредна состојба е прогласена и во сојузните држави Вирџинија, Западна Вирџинија и Охајо.
Метеоролозите предупредуваат дека се очекуваат уште бури, а материјалната штета во Вашингтон се споредува со штетите предизвикани од ураганот Изабел од 2003 година. Тогаш загинаа повеќе од 50 луѓе, а штетите изнесуваа 4,3 милијарди доалри.
Од друга страна, во Колорадо во моментов околу 10 илјади луѓе не можат да се вратат во своите домови поради најголемиот шумски пожар во историјата на оваа американска сојузна држава. Околу 350 куќи до овој момент се целосно уништени од пожарот. Погоденото население мора да се снаоѓа во привремени живеалишта на отворено, на температури од околу 40 целзиусови степени, без пристап до клима уреди и фрижидери.