1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД- суперсила со ограничени можности

13 март 2012

САД се главен играч во светската политика- без Вашингтон ништо не се помрднува. Но дали суперсилата е се’ уште способна да дејствува? Финансиската криза роди многу сомнежи...

https://p.dw.com/p/14JOy
Фотографија: DW

Да беа САД пациент кој лежи во болница, загрижените доктори само немоќно ќе мрдаа со веѓите: болките во внатрешните органи можат да станат хронични и да го врзат пациентот за кревет. Американската администрација е соочена со слично сценарио, смета Јозеф Брамл од германскиот тинк-тенк Совет за надворешна политика. Тековната финансиска, економска и енергетска криза тешко ја погодува суперсилата, вели тој.


САД станаа земја на ограничени можности, пред се’ поради огромниот долг, слабиот долар и растечката социјална нееднаквост.

„Колку повеќе американскиот танкер се навалува кон едната страна, толку полимитирани стануваат можностите на владата да маневрира, на домашен и на меѓународен терен“, напиша политологот Брамл во својата книга „Американскиот пациент“. Неговиот заклучок:

„Политичките сили се блокирани затоа што не остана ништо веќе да се дели. Домашните економски проблеми го продлабочуваат јазот меѓу Демократите и Републиканците“, вели Брамл.

Josef Braml von der Deutschen Gesellschaft für Auswärtige Politik e.V.
Јозеф БрамлФотографија: privat

Турбуленции со глобално влијание

Но, заканувачкиот колапс на САД, според Брамл не е добра вест за остатокот на светот. Кога некој се бори за економско преживување, нема да биде многу дарежлив кон другите, вели авторот, кој предвидува засилување на протекционизмот особено во трговијата од страна на САД.

Брамл прогнозира дека САД ќе ја намалат вредноста на доларот за да се здобијат со поголема конкурентност.

„Доларот наскоро ќе биде користен само како резервна валута. Ова го предвидуваат и сериозни економисти како Бери Ајхенгрин. Кога економистите гледаат 10 или 12 години во иднината, тие гледаат други валути. Тоа не е само губење на ’меката моќ’, туку загуба на тврдата сила. Досега САД можеа да живеат на кредит, затоа што остатокот од светот ставаше на располагање евтини кредити. Но, тоа повеќе не е случај и нерамномерноста не може повеќе да се финансира со кредити“, вели Брамл.

Карстен Фојгт, германски социјалдемократ кој е добро запознат со политиката во САД, не е толку песимистичен. Тој не предвидува колапс, но гледа криза од која би можел да се роди нов почеток. Силна страна на Американците е нивната способност „да ги засукаат ракавите“ во време на криза и да се посветат на огромната динамика на нивната економија, смета Фојгт.

Поголема улога за сојузниците

Експертите се сепак согласни дека ќе се промени улогата на САД како глобален регулатор. Ниту една друга земја во светот нема толкава воена моќ, но САД ќе мораат да ги намалат трошоците и во тој сектор. Фојгт е сепак сигурен дека САД ќе останат најмоќна светска сила и во догледна иднина.

Der SPD-Politiker Karsten Voigt
Карстен ФојгтФотографија: picture-alliance / dpa

„САД ќе останат најмоќна светска сила во догледна иднина. Но и САД имаат граници, и овие граници во рамките на кои тие во иднина ќе делуваат ќе стануваа се’ потесни“, вели Фојгт.

По кризата во Либија станува јасно дека САД ќе префрлаат се’ поголема одговорност врз сојузниците.

„Ние Европјаните ќе мора да сфатиме дека ќе мора да се грижиме за безбедноста во нашето соседство. Америка тука нема веќе толку да ги помага. Од американска гледна точка, ние премногу долго паразитиравме“, заклучува Јозеф Брамл.

Автор: Нина Веркхојзер/Борис Георгиевски

Редактор: