1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„САД се подготвени“

ЖА/дв/дпа/ртре/миа10 април 2013

По новите закани од Северна Кореја, Јужна Кореја и САД ги засилија разузнавачките активности. Американската армија во меѓувреме зборува за непосредна закана за стабилноста на цел регион.

https://p.dw.com/p/18Com
Фотографија: AP

Заедничките воени сили на Јужна Кореја и САД се во состојба на зголемена готовност, соопшти портпарол на јужнокорејското министерство за одбрана во Сеул. Двете држави, според официјални изјави, претпоставуват дека Северна Кореја подготвува да испали најмалку две ракети на Јужниот брег. Медиумите во Сеул пренесуваат информација од неименуван висок офицер за недвосмислени докази за подготовка за паралелно испалување ракета со краток и со среден дострел од мобилни рампи. Во арсеналот спаѓаат и ракетите Мусудан, кои, според претпоставките, имаат дострел од 3000 до 3500 километри. Тие би можеле да стигнат до американските бази во Пацификот. Не е познато меѓутоа дали ракетите имаат атомско полнење и дали се доволно прецизни да погодат американска база од голема далечина. Вчера Пјонгјанг ги засили заканите, барајќи од странците во Јужна Кореја да ја напуштат земјата за да не бидат вовлечени во војна.

Nordkorea Konflikt Japan Patriot Raketen Soldat 10.04.13
Јапонската одбрана врши подготовкиФотографија: Reuters

И Јапонија се подготвува

Јапонскиот премиер Шинзо Абе му нареди денеска на Министерството за одбрана да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на населението на земјата, во врска со истрелувањето ракета од Северна Кореја, што според разузнавањето може да се случи уште денеска.

„Ќе бидат преземени сите неопходни мерки за заштита на животот и безбедноста на нашето население. Издадов соодветна наредба на министерот за одбрана Ицунори Онодера“, рече премиерот.

Онодера од своја страна изрази уверување дека Министерството е подготвено за секакви вонредни ситуации.

„Од вчера собираме и анализираме секакви можни информации и сме подготвени за секакви вонредни состојби“, рече министерот.

Амбасадите во Пјонгјанг засега не го евакуираат својот персонал

Денеска истекува рокот даден од севернокорејските власти на странските амбасади и меѓународни хуманитарни организации да го разработат евакуирањето на своите службеници.

Минатиот петок (05.04) Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг предупреди дека по 10 април веќе нема да може да ја гарантира нивната безбедност во врска со заострувањето на ситуацијата на Корејскиот полуостров. Засега ниту една од странските амбасади не соопшти дека има намера да изврши евакуација на персоналот.

Nordkorea Konflikt Südkorea Pjöngjang Propagandafoto
Северна Кореја го продолжува курсот на конфронтацијаФотографија: Reuters/KCNA

Во невладините организации, кои имаат хуманитарни проекти во селски региони, во оваа ситуација планираат да го скратат буџетот за сметка на техничките експерти. На лице место ќе остане само административно-финансискиот персонал на претставништвото на ОН.

Освен тоа, службениците на овие организации, кои во моментов се на принуден одмор, добиле укажувања да не се враќаат во Северна Кореја до нова наредба. Предупредувањата на властите се игнорирани и од странските туристи, кои овие денови престојуваат во Пјонгјанг за да се запознаат на лице место со активностите во земјата. Меѓу нив има многу Швеѓани, Австралијци и Британци, кои се сместени во хотелот „Кореја“ во центарот на престолнината.

Во Северна Кореја почнаа да пристигнуваат делегации за учество во свеченоста по повод роденденот на Ким Ил Сунг - првиот претседател на Северна Кореја и автор на идеите, според кои земјата треба да ја зачува својата самобитност и карактер и да смета на своите сопствени сили. Главните одбележувања ќе се одржат на 15 април.