САД се повлекуваат од воздушните операции против Либија
1 април 2011Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс пред Конгресот соопшти дека сите авиони на САД до утре ќе бидат повлечени од воздушната операција која ја спроведува алијансата од западни сојузници во Либија . Гејтс очекува дека Велика Британија, Франција и другите НАТО сојузници можат да ги продолжат воздушните удари самостојно. Одлуката на секратарот за одбрана предизвика големи реакции во Конгресот.
Претставник на Гадафи преговара во Лондон?
Од другастрана британските медиуми јавуваат дека висок пратеник на либискиот режим веќе неколку дена е во Лондон на преговори со тамошните власти, јавија повеќе британски медиуми. Британскиот Форин Офис не ја потврди веста, но соопшти дека во сите контакти што ги имале со либиски претставници укажале дека Моамер Гадафи мора да си замине. Се претпоставува дека во Лондон престојува Мохамед Исмаил, близок соработник на еден од синовите на Моамер Гадафи. По пребегот на либискиот министер за надворешни работи Муса Куса, според непотврдени информации и многу други соработници на Гадафи ја напуштиле земјата.
Лошото време виновно за контраофанзивата на силите лојални на Гадафи
Во меѓувреме првиот човек на американските вооружени сили, адмиралот Мајк Малин, даде објаснување за успешната контраофанзива на силите лојални на Гадафи против бунтовниците на истокот на Либија. Според шефот лошите временски услови од почетокот на неделата ја ограничуваат ефикасноста на воздушните напади врз силите лојални на Гадафи.
Поради лошото времево изминатите три-четири денови е намалена видливоста и екипажите на воените авиони немаат целосна прецизност на целите, наведе Малин.
Автор:БГ/СН/ббц/ртр/ап
Редактор: Симе Недевски