1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД разработуваат воени сценарија за Сирија

С.Недевски/ дпа/ртр/афпд24 август 2013

Да се интервенира или не? По обвинувањата за напади со хемиско оружје во Сирија, претседателот на САД, сака да ги разгледа сите можни опции. Но дали Барак Обама е навистина подготвен за воен удар против режимот на Асад?

https://p.dw.com/p/19VWu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Белата куќа беше соопштено дека претседателот Барак Обама уште во текот на викендов ќе разговара со своите советници за безбедност за можните сценарија во Сирија. Една од можните опции е и воен ангажман против режимот на сирискиот властодржец Башар ал Асад, изјави претставник на американската администрација.

Претходно министерот за одбрана на САД во изјавата дадена на авионот на патот кон Малезија веќе навести дека се разработуваат „сите можни сценарија“ за воен напад против Сирија. Меѓутоа шефот на Пентагон јасно укажа дека сѐ уште не е донесена никаква одлука.

Потребни се докази

Хејгл покрај тоа истакна дека министерството за одбрана има обврска да му овозможи на претседателот да има опции за сите случаи. „А тоа бара позиционирање на нашите сили, за да бидат во можност да ги изведат различните опции, односно која било опција што ќе ја одбере претседателот“, рече Хејгл, кој меѓутоа одби да прецизира дали САД веќе распоредиле сили за можна интервенција во Сирија. Неговата изјава беше дадена откако неименуван претставник на министерството за одбрана изјави дека САД распоредиле и четврти воен брод во источниот дел на Средоземното Море со способност да испукува балистички ракети.

Bashar Assad
Башар ал АсадФотографија: picture alliance / AP Photo

Претседателот Обама од друга страна во изјава за американската телевизија СиЕнЕн значително повоздржано говореше за можноста за брза воена интервенција во Сирија.

„Ако САД оди да нападне друга земја без мандат од ОН и без јасни докази, кои ќе можат да бидат презентирани, тогаш се поставуваат прашања за тоа дали тоа ќе биде поддржано од меѓународното право и дали имаме коалиција за да го направиме тоа. Тоа се нештата кои треба да ги земеме предвид“, изјави американскиот претседател.

Обама под притисок

Извештаите за нападот врз цивили во неколку предградија на Дамаск во средата, во кој се претпоставува дека било употребено хемиско оружје, го ставија под силен притисок американскиот претседател да ја исполни заканата дека, употребата на вакво оружје за него претставува црвена линија, која режимот на Башар ал Асад не смее да ја премине во граѓанската војна во неговата земја. Обама побара време за испитување на сите факти во врска со нападот. Инаку сириските бунтовници обвинуваат дека силите на Асад во овој напад убиле до 1300 цивили, што пак остро беше демантирано од армијата на Сирија.