1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД пред промена на курсот кон Сирија

ЖА/дв/дпа/афп/ртре3 мај 2013

САД очигледно го променуваат досегашниот став - да не им испорачуваат оружје на сириските бунтовници. Сега, тоа сепак е една „опција“, изјави министерот за одбрана Чак Хејгел.

https://p.dw.com/p/18R2d
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images

Одлуката за испорака на оружје на бунтовниците во Сирија се‘уште не е донесена, изјави Хејгел на прес-конференција со неговиот британски колега Филип Хамонд во Пентагон. Хејгел не ги изнесе своите лични позиции на оваа тема:

„Јас претпочитам сондирање на опциите за да се види која е најдобрата во соработка со нашите меѓународни партнери“, изјави американскиот министер.

Досега американската влада стриктно одбиваше испорачување на оружје на противниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад (на насловната фотографија е група сириски бунтовници). Според ова американско гледиште, доставувањето оружје на сириските бунтовници може дополнително да ја разгори граѓанската војна. Освен тоа, се стравува од тоа оружјето да стигне во погрешни раце, кај исламистичките екстремисти. Но, најновите извештаи за можната употреба на хемиско оружје во Сирија, во САД очигледно предизвикуваат промена на ставот. Американскиот претседател Барак Обама неодамна зборуваше за повеќе опции во однос на Сирија, не исклучувајчи ни воена интервенција. Но, пред да бидат донесени натамошни одлуки, мора да постојат недвосмислени докази за употреба на хемиско оружје.

„Ние не знаеме дали, како и од кого е тоа користено“, истакна Обама.

Barack Obama
Барак Обама ги обмислува следните чекориФотографија: Getty Images

Во меѓувреме од Сирија се јавува повторно за жестоки борби меѓу режимот на претседателот Башар ал-Асад и бунтовниците. Борбите веќе го достигнаа и со Алавити населениот североисточен дел од земјата, посебно кај пристанишниот град Баниас, како што јавува Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон. Таа ги обвинува владините трупи и Шабиха милициите, лојални на Асад, за извршен масакр во овој регион. При заземањето на градот Баида на средоземноморскиот брег биле убиени 50 до 100 луѓе, меѓу кои жени и деца.

Во Баниас и околината мнозинско население се Алавитите, верска група која е дел на шиитскиот ислам, на кој припаѓа и кланот на Асад.

Јужно од средоземноморскиот градпак се наоѓаат повеќе сунитски села, кои ги симпатизираат бунтовниците.

Опозициски активисти сведочат за бомбардирање од страна на сириското воено воздухопловство на провинцискиот град Ал-Рака, што претходно го освоија бунтовниците. Во источниот град Деир ас-Саур владините трупи разнесле со експлозив дел од историскиот висечки мост над реката Еуфрат. За овие извештаи од конфликтниот регион нема потврда. Од почетокот на отпорот против Аасад според проценките на ОН во Сирија се убиени над 70 илјади луѓе. Милиони мажи, жени и деца се наоѓаат во бегство.