1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД-Мексико: Добри граници-добри соседи?

Ева Уси
28 јули 2018

Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, односите САД-Мексико паднаа на историски најниско ниво. Но Мексико има доволно механизми да му се спротистави на моќниот сосед од северот, сметаат аналитичари.

https://p.dw.com/p/30T72
Mexiko Tijuana Migranten-Konvoi erreicht US-Grenze
Фотографија: Reuters/E. Garrido

„И за изградба на оградата кон Мексико се потребни работници од Мексико“, рече најбогатиот човек во Мексико, Карлос Слим, коментирајќи го политичкиот подем на Доналд Трамп. Но, овој опуштен став од периодот на предизборната кампања на Трамп во меѓувреме, една година по почетокот на претседателствувањето на Трамп исчезна. Првиот човек во Белата куќа ни по стапувањето на власт не се откажа од навредите на сметка на јужниот сосед. Изградбата на ѕидот кон Мексико и намалување на трговијата со дрога сѐ уште спаѓаат во неговите најважни предизборни ветувања. „Трамп уште и пред победата го обвинуваше Мексико дека во САД испраќа силувачи, криминалци и дилери и оттогаш не го промени своето мислење“, вели мексиканскиот новинар Хрехорио Мераз во разговорот за ДВ.

Многу Американци, па дури и политичари од Републиканската партија очекуваа Трамп, кога ќе дојде на претседателската функција, да ја ублажи својата реторика кон Мексико. Слично се очекуваше и во Мексико. Но, Трамп ниту во еден момент не престана да ги понижува Мексиканците и да ја злоупотребува темата за илегалната миграција за внатрешнополитички цели. „Популарноста му опадна во ек на аферата околу раздвојувањето на родителите од децата на граница. Но, Трамп со тоа сакаше да изврши притисок врз демократите за тие да одобрат заострување на доселеничкиот закон и издвојување на 25 милијарди долари за изградба на ѕид кон Мексико“, смета Мераз.

Bildergalerie Trump besichtigt Mauer-Prototypen
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Мексиканска понизност кон САД

Во Мексико се сѐ погласни оние кои бараат мексиканските политичари да заземат самосвесен став кон САД и да престанат парализирано да гледаат кон Вашингтон како 'зајак во змија'. „Мексиканската надворешна политика е премека и без острина“, вели политикологот Серхио Агуајо од институтот Колехио де Мехико. Оваа „беззаба“ надворешна политика особено дојде до израз во случајот на разделувањето на мигрантските деца од родителите на границата. „Она што го доживуваме е политика на подреденост и понижување, бидејќи претседателот Пења Нието не ги користи силите на Мексико за да им се спротивстави на САД. Но, тоа беше така и во времето на Барак Обама“, вели Агуајо.

Повеќе:

-Поддршка за антиимиграцискиот курс на Трамп

-Трамп сепак попушти

-Трамп воодушевен од моделите за ѕидот кон Мексико

Како доказ за оваа теорија политикологот наведува еден разговор меѓу Пења и Обама од 2014 година на темата за малолетните доселеници кои без придружба доаѓаа од земјите од средна Америка во САД. „Обама му се јави на Нието и побара построга контрола на границата. Нието тоа и го стори без приговор и без да бара противуслуга од Вашингтон“, вели тој. Мексиканскиот претседател, како што вели Агуајо, од Вашингтон на пример можел да побара повеќе американски граничари во борба против криумчарењето на оружје. И на едната и на другата страна владее асиметрично сгаќање на темите како безбедност и трговија со дрога. „На Обама и на Трамп заедничко им е  негирањето на одговорноста за хуманитарната трагедија во соседството. Мексико е земја која Трамп најмногу ја критикува без да сфати дека снабдувањето на нарко-картелите со оружје доаѓа токму од САД“, коментира Серхио Агуајо.

„Добра ограда- мир меѓу соседите“

Гинтер Мајхолд, заменик директор на Фондацијата за наука и политика, смета оти Доналд Трамп навистина е уверен во тоа дека проблемот со доселувањето може да го реши со изградба на ѕид на границата. „Целосно е нереалистично да се очекува оти САД, сега пред изборите во конгресот со актуелната или некоја идна мексиканска влада, да преговара за таа тема. Трамп се води по слоганот на Роналд Реган - 'добрите огради се грижат за добри соседи'“, смета Мајхолд. Станува збор за цитат на познатиот американски поет Роберт Фрост кој во САД го знае секој ученик.

Мексиканскиот политиколог Агуајо во секој случај смета дека Мексико, исто така, треба да покаже до каде му се границите кои не смеат да се поминат. Во краен случај Мексико може пред мултилатералните организации да покрене тужба против индустријата за вооружување на САД и да ја принуди земјата засилено да се посвети на борба против криумчарењето на оружје“, смета Агуајо. Но, останува отворено прашањето дали ваквиот потег води кон подобри добрососедски односи.