1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го спуштија статусот на ЕУ

Михаел Книге
9 јануари 2019

САД го деградираа дипломатскиот статус на претставништвото на ЕУ во Вашингтон без за тоа официјално да го информираат амбасадорот. Преговорите за овој проблем продолжуваат.

https://p.dw.com/p/3BDx7
Belgien Tusk empfängt Trump in Brüssel
Фотографија: Reuters/E. Vidal

Владата на САД го деградирала дипломатскиот статус на - како што официјално гласи - „Делегацијата на Европската унија за САД“ уште на крајот на минатата година. Таквиот чекор не беше најавен и значи дека ЕУ од аспект на САД е деградирана од државно ниво на статус на меѓународна организација. „Не знаеме точно зошто го сториле тоа, затоа што не нѐ информираа“, изјави за ДВ претставник на ЕУ во Вашингтон. „Можам да потврдам дека тој чекор не е позитивно прифатен во Брисел.“

Во Брисел велат дека се во тек разговори со САД околу ова прашање. Уште во декември, како што велат, за тоа се одржани разговори помеѓу САД и ЕУ. Претставниците на ЕУ во Брисел потврдија дека актуелниот амбасадор на ЕУ, Дејвид О'Саливен повторно го добил својото протоколарен ранг, меѓутоа овој дипломат е на функција само до февруари годинава.

EU Botschafter in USA David O'Sullivan in Washington, DC
Дејвид О'Саливен, амбасадор на ЕУ во САДФотографија: Getty Images/M. Wilson

Минатата година делегацијата на ЕУ забележала дека нејзиниот амбасадор во Вашингтон не е канет на одредени манифестации. Претставниците на владата на САД на дипломатите на ЕУ им потврдиле дека статусот на О'Саливен е деградиран, можеби веќе на крајот на октомври или почетокот на ноември.

На денот на погребот на Џорџ Буш, 5 декември 2018 година, дипломатите во Вашингтон му оддаваа почест на починатиот претседател. Дејвид О'Саливен притоа не бил прозван како дотогаш по хронолошки ред според годините во службата, туку како последен, вели службеник на ЕУ. О'Саливен во такви пригоди секогаш беше меѓу првите 20 до 30 прозвани од повеќе од 150 амбасадори акредитирани во Вашингтон. Тој е амбасадор на ЕУ од 2014 година.

Повеќе:

Европа и Германија напнато ги следат изборите во САД

Моја Европа: Источноевропејците го сакаат Трамп

„Тоа има политичка позадина“

Набљудувачите не исклучуваат политички мотиви зад ваквиот чекор на САД. Дипломат од една држава на ЕУ вели дека е критичен кон ваквиот потег. „Тоа дефинитивно не е прашање на протоколот, туку е јасно дека има политичка позадина“, вели и додава дека мнозинството држави-членки го дели тоа мислење. Дипломатското деградирање на делегацијата на ЕУ во Вашингтон изгледа како да е во согласност со антиевропскиот став на владата на Трамп. Трамп за време на својата предизворна кампања беше пргав поддржувач на Брегзит. И како претседател тој повеќепати ја напаѓаше ЕУ кога станува збор за теми како што се одбраната или трговијата. Во еден говор за надворешнополитичките принципи, на почетокот на декември во Брисел, министерот за надворешни работи Мајк Помпео го пофали самопрогласениот националист Трамп и од членките на ЕУ побара да го нагласат својот национален суверенитет во однос на централата во Брисел.