1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски хакери објавија досиеја на познати спортисти

Б. Георгиевски/афп14 септември 2016

Руски хакери успеале да ја пробијат заштитата на светската антидопинг агенција и да ги добијат досиеајата на познати спортисти. Први на удар тенисерките Вилијамс. Хакерите најавуваат дека тоа е само почеток.

https://p.dw.com/p/1K1fn
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.C.Bott

Светската Антидопинг агенција (ВАДА) остро ги осуди руските хакери кои навлегоа во нејзината база на податоци и објавија тајни документи на познати спортисти како американската гимнастичарка Симоне Бајлс и тениските ѕвезди Венус и Серена Вилијамс.
ВАДА објави дека руската хакерска група „Цар Тим“, позната и како „Модерни мечки“, успеала да влезе во базата на податоци која содржи доверливи информации за светските спортисти.

Хакерската група ги објави досиејата на Бајлс, на сестрите Вилијамс и на американската кошаркарка Елена Дел Дон. Во објавата на нивната интернет-страница, групата тврди дека американските спортисти на Олимпијадата „играле добро, но не и фер“.

Сепак, ниту еден од документите кои ги објави групата не нудат докази за престапи од страна на спортистите. Наместо тоа, документите евидентираат случаи во кои на спортистите им било дозволено да користат одредени забранети медицински супстанци од легитимни причини- вообичаена пракса во спортскиот свет.

Американската антидопинг агенција го оцени нападот како „кукаквички и одвратен“ обид да се наруши честа на спортистките.

„Во секој поединечен случај, спортистите сториле сѐ што е во нивна моќ за да ги испочитуваат глобалните правила за користење на потребните медикаменти“, рече првиот човек на агенцијата во САД, Тревис Тајгарт, кој стана познат по откривањето на допинг-скандалот на американскиот велосипедист Ленс Армстронг.

Гимнастичарката Бајлс објави дека таа од детство страда од хиперактивно пореметување и оттогаш користи специфични лекарства за кои добила одобрение.

Венус Вилијамс изјави дека е разочарана од упадот, соопштувајќи: „Јас сум еден од најсилните поддржувачи на одржувањето на највисоко ниво на интегритет во спортот“.

USA Tennis US Open Serena Williams in New York
Досието на Серена Вилијамс се најде во рацете на руските хакери.Фотографија: Reuters/J. Lai-USA TODAY Sports

Кошаркарката Дел Дон им се заблагодари на хакерите.

„Сакам да им се заблагодарам на хакерите што му соопштија на светот дека земам легална терапија за состојба која ми е дијагностицирана, и добив одобрение од ВАДА“.

Одмазда за забраната на ОИ?!

Портпарол на Меѓународниот олимписки комитет изјави дека објавените информации имаат за цел „да ја оцрнат репутацијата на чистите спортисти“.

Упадот во базата на податоци се случува неколку недели откако хакери успеаја да пристапат до досието на рускиот „свиркач“ Јулија Степанова. Степанова, која живее под заштита во САД, изјави дека стравува за својот живот.

Упадите во системот на ВАДА се случуваат по нејзините истраги кои открија државно спонзориран допинг во Русија кој траел со години. На руските атлетичари им беше забранет настап на Олимпијадата во Рио, како и на комплетниот параолимписки тим.

Директорот на ВАДА, Оливие Нигли изјави дека упадот во базата на податоци на агенцијата ќе ги забави напорите на Русија да се реинтегрира во спортскиот свет.

„Овие криминални акти ги компромитираат напорите на глобалната антидопинг заедница да ја повратат довербата во Русија“, рече Нигли.

Но, хакерската група веќе најави дека првите објавени досиеја се само почеток.

„Очекувајте сензационални докази дека познати спортисти се допингувале, наскоро“, се наведува на нивната интернет-страница.