1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН заглавени во егоистичната политика на интереси

Геро Шлис/превод: Ж.А.30 јули 2015

Русија со своето вето во Советот за безбедност на ОН блокираше резолуција во врска со падот на авионот на лет МХ117 во Украина. ОН потфрлија во кризниот менаџмент. Правото на вето мора да се укине, смета Геро Шлис.

https://p.dw.com/p/1G7Hi
Фотографија: Reuters

Тоа беше очекувано. Со барањето за основање на трибунал на ОН кој ќе води истрага за соборувањето на патничкиот авион на лет МХ17 над Украина, Малезија и нејзините поддржувачи сакаа да ја стават Русија под притисок и да ја принудат конечно да соработува во разјаснувањето на падот на авионот. Но, наидоа на тврд гранит. На почетокот на јули Русија веќе блокираше една друга резолуција - за геноцидот во Сребреница, сега со своето вето повторно го спречи донесувањето резолуција предложена од Малезија за МХ17. На 17 јули 2014 година брутално беше прекинат животот на 298 патници во паднатиот авион. Додека мнозинството земји на чело со САД претпоставуваат дека авионот го собориле сепаратистите поддржувани од Русија, Москва ја обвинува украинската влада во Киев.

Не е прва и единствена блокада

Скандалозно е што ОН досега не можеа да дадат придонес во именувањето на одговорните за трагичната смрт на патниците и нивно изведување пред правдата. Се‘уште се чека на извештајот на специјалниот истражен тим назначен од Советот за безбедност на ОН пред една година. Екипата која се состои од експерти од Малезија, Австралија, Белгија, Украина и Холандија, досега беше спречувана во работата преку одбивањето соработка од страна на Русија и украинските сепаратисти. Руското вето во Советот за безбедност дава малку надеж тука нешто да се промени.

Schliess Gero Kommentarbild App
Геро Шлис

Во рок од еден месец Русија двапати со своето вето стопираше донесување резолуција во Советот за безбедност на ОН. Можно е ова да се предвесници на подолготрајна, подлабока конфронтација. Не се исклучува во Советот за безбедност да се вратат турбуленции и непомирливост како од времето на Студената војна.

Пораката преку гласањето за предлог-резолуцијата на Малезија не навестува ништо добро. Во секој случај, ова е болно потфрлување на најважниот орган на ОН, кој не успеа да се позиционира во врска со едно важно прашање.

Ветото како политичка калкулација

Не станува збор за исклучок или поединечен случај, туку за дел од редица пропуштени можности. А, никако не е само Русија таа која „игра“ со своето моќ за вето. Кога лани Израел воено интервенираше во конфликтот во Газа, при што настрадаа стотици палестински цивили, САД со своето вето спречија донесување резолуција на ОН со осуда на Израел. Русија пак до денес блокира резолуција која може да стави крај на убивањето во сириската граѓанска војна и масивните погазувања на човековите права од страна на сирискиот претседател и Асад да го осуди за нив.

За охрабрување е пак што САД, Русија и други членки на Советот за безбедност на ОН беа единствени барем во поглед на уништувањето на сириското хемиско оружје. Сепак, ОН остануваат далеку зад самопоставените цели.

Со акумулираниот молк за егзистенцијалните прашања и опасно горечките конфликти, Советот за безбедност на ОН предизвика масивни самоштети. Ако ништо не се промени во одредбата за вето, донесена од самиот Совет, се‘ погласни ќе бидат гласните прашања околу смисолот на вакво тело. И тоа со право! Зошто на светот би му требал Совет за безбедност во кој е сигурно само едно: самоблокадата.

Правото на вето не соодветствува веќе со сегашноста

Реформа на ОН е прекупотребна. Правото на вето на петте земји, кое води корен од искуствата на Втората светска војна, веќе не одговара на современите прилики. Но, апелите за реформа наидуваат на оглушување. Тешко е да се очекува САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина доброволно да се откажат од своите повластени позиции. Секој реформски предлог кој би им го одзел ветото, ќе биде блокиран-токму со вето.

Еден неодамнешен француски предлог може барем да значи почеток. Французите извлекоа поука од катастрофи, како на пример во Руанда и сакаат во вакви случаи правото на вето да се стави вон сила. Предност би била што Советот за безбедност на ОН би можел да дејствува, барем во хуманитарни итни ситуации, со помош на мнозински донесени одлуки. Но, погледот врз долга редица неуспешни реформски обиди предизвикува песимизам.