1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ќе му суди на мртов адвокат!

Роман Гончаров/ Жана Ацеска4 март 2013

Светот веќе е навикнат на секакви „вратоломии“ на руското правосудство. Но, денешното судење на покоен адвокат е навистина преседан. Адвокатот Сергеј Магнитцки, кој почина во истражен затвор, ни по смртта нема мир.

https://p.dw.com/p/17pkd
Фотографија: dapd

Ваков процес всушност би требало да спаѓа во сферите на фиктивното. Во тоа е уверен и рускиот премиер Дмитри Медведев. „Тоа е невозможно“, одговори шефот на руската влада на прашањето на новинар на СиЕнЕн како е можно во Русија да се води процес против покојник. Постхумен судски процес е можен само во случај на рехабилитација на претходно неправедно осудено лице. Но, во денешниот процес (04.03.2013) не се работи воопшто за рехабилитација.

Илегален цинизам

Случајот со адвокатот Сергеј Магнитцки со години фрла сенка врз руското правосудство. Мајката на „осомничениот“ зборува за илегален и циничен процес. Организацијата за заштита на човековите права Амнести Интернешнл во соопштение пред судењето заклучува-се работи за „опасен преседан кој би можел да придонесе за дополнително влошување на состојбата со човековите права во Русија“. За што се работи всушност?

Сергеј Магнитцки беше сметководител и адвокат на британскиот инвестициски фонд Хермитејџ Капитал, некогаш една од најсилните инвестициски групи во Русија. Во 2007 година државното обвинитрелство осомнични неколку фирми од оваа група за затајување данок. До обвинување не дојде никогаш. Но, по осомничувањето самиот Магнитцки поведе истрага. Негов заклучок бил-службениците во министерството за внатрешни работи и државното обвинителство сомничењето кон Хермитејџ Капитал го искористиле за да го одвратат вниманието од сопствената проневера на 170 милиони евра државни пари. Но, војната не прекина тука. Државното обвинителство го обвини Магнитцки и неговиот шеф Вилијам Броудер за наводно затајување данок од 12,6 милиони евра.

Смрт во затворот

Инвеститорот Браудер наскоро потоа ја напушти Русија. Неговиот адвокат ја немаше таа среќа. Сергеј Магнитцки беше уаспен и ставен во истражен затвор каде една година подоцна, во ноември 2009 година умре со неполни 37 години под се‘ уште неразјаснети околности.

Неговиот бивш шеф од странство упатува тешки обвинувања на сметка на руската држава и правосудство:

„Магнитцки беше мачен и убиен зашто разоткри корупциски механизми од огромни размери“, вели Браудер во разговор за агенцијата АФП. И организациите за заштита на човековите права во Русија тврдат дека Магнитцки умрел во околности „слични на мачење“ и дека не примил неопходна лекарска помош. Магнитцки, кој страдал од шеќерна болест, во текот на престојот во затвор вложил над 400 поплаки на затворските услови.

Sergej Magnizki
Фотографија: AP

Рускиот претседател Владимир Путин прашањето за Магнитцки го третира како „човечка трагедија“, но ги отфрла обвинувањата за негова насилна смрт:

„Никој не го мачел Магнитцки, тој умрел поради откажување на срцето“, изјави Путин на една конференција за печат кон крајот на минатата гопдина, истовремено најавувајќи „расветлување на случајот“. Факт е меѓутоа дека директорот на затворот во кој умре Магнитцки е ослободен од обвинувањата, а надлежната лекарка не е ни обвинета. Но, процесот против Магнитцки, кој беше прекинат, се обновува и по неговата смрт.

Санкции против државните службеници

Случајот со починатиот адвокат сега и во странство предизвикува жолчни реакции. Американскиот конгрес на крајот на минатата година донесе т.н. „Магнитцки закон“ и воведе санкции против 60 државни службеници кои биле вклучени во истрагата против Хермитејџ Капитал и кои се сметаат за одговорни за смртта на Магнитцки. На листата стојат имињана влијателни руски државни службеници, меѓу кои и заменикот министер за внатрешни работи. На овие лица им е забранет влез во САД, а банкарските сметки  во оваа земја им се замрзати.Официјална Москва жестоко регаираше на потегот на Вашингтон и во знак на одмазда го донесе спорниот закон кој на државјаните на САД им забранува посвојување руски деца.

И во Европа се возбудија политичките духови. Европскиот парламент есеноска се заложи за воведување санкиции по американскиот пример, но изгледите за нив се рамни на нула поради противењето на некои земји, меѓу кои и Германија. ЕУ-дипломат смета дека е тешко воведувањесанкции без вистински докази.