1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија останува стратешки партнер

10 октомври 2007

Меѓу Франција и Русија има приближување – така барем тврди францускиот претседател, Никола Саркози, кој е во посета на Москва.

https://p.dw.com/p/BobC
Никола Саркози и Владимир ПутинФотографија: AP

Саркози вели дека позициите на двете земји околу проблемот на Иран се многу блиски, но повеќе детали не сакаше да наведе.

Пред посетата на Русија, францускиот претседател во повеќе наврати бараше поостри санкции против Техеран за иранското раководство да се вразуми. Наспроти тоа, Москва отфрла поостар пристап во атомскиот спор со Иран и се изјасни против натамошни санкции. Рускиот претседател, Владимир Путин за неколку дена патува за Техеран, и тоа патување, според Никола Саркози, ќе биде многу полезно.

На тричасовната средба на рускиот и францускиот претседател, Никола Саркози и Владимир Путин, во дачата на Путин во Ново Огариево, станувало збор и за Северна Кореја, иднината на Косово и политичката иднина на рускиот претседател лично. Разговорите, во текот на кои Саркози, како што вели самиот, изразил загриженост поради убиството на Политковскаја, состојбата во Чеченија и правата на хомосексуалците во Русија, биле долги, релаксирани, длабоки и отворени.

По средбата со францускиот колега, Путин изрази надеж за интензивирање на трговските односи на Русија и Франција.

Односите меѓу Франција и Русија не се без проблеми, но личната хемија меѓу Саркози и Путин е добра, велат набљудувачите. Дека Париз на меѓународната сцена мора да најде заеднички јазик со Москва, е нешто што се подразбира. Портпаролот на францускиот претседател, Давид Мартињон, изјави: ”Русија за Франција и Европа е стратешки партнер, со кој дијалгоот мора да се продлабочи. Нашиот претседател е убеден дека Русија е и останува главен актер на меѓународната сцена. Москва е партнер кој не може да се одмине кога станува збор за прашања како тероризам, промени на климата и регионални кризи.”