1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија воспоставува поморска блокада - Грузија се повлекува?

К. Нагел, Агенции / З. Јордановски10 август 2008

Грузија тврди дека ја повлекува војската од Јужна Осетија, од разни страни тое е демантирано - ситуацијата е конфузна. Абхазија, која исто така се стреми кон отцепување, се мобилизира за борба против грузиските сили.

https://p.dw.com/p/Etpb
Воената авантура за само три дена однесе 2 илјади човечки животиФотографија: picture-alliance/dpa

Грузија најави целосно повлекување на својата војска од регионот кој сака да се отцепи и де факто 18 години меѓународно непризнат живее независно, но мировните сили стационирани во регионот информираат дека повлекувањето не е извршено. Актуелните информации што ги пренесуваат агенциите зборуваат дека руската флота воспоставува поморска блокада на Грузија, за да спречи испорака на оружје и друг воен материјал. Агенцијата Интерфакс се повикува на командата на руската воена морнарица. Според агенцијата РИА Новости, руските бродови веќе се на границите на грузиските теритпријални води.

Истовремено, сепаратистите од Абхазија се подготвуват за борба против Грузија. Владата мобилизира резервисти, изјави претседателот на тој регион Сергеј Багапш. Веќе биле испратени илјада војници во спорната клисура Кодори. „Подготвени сме да воспоставиме ред и да одиме уште понатаму, доколку има отпор од грузиска страна“, рече Багапш. Јужна Осетија и Абхазија сакаат дефинитивно да се отцепат од Грузија.


Путин: Грузија си зададе смртен удар


Според грузиските власти, по третата едноподруго ноќ на тешки борби, веќе има преку 2 илјади жртви на конфликтот. Истовремено илјадници луѓе ги науштија домовите и побегнаа. „Само во изминатите 36 часови околу 30 илјади бегалци ја минаа руската граница. Ова е хуманитарна катастрофа“ - рече Сергеј Собјанин, раководител на администрацијата на рускиот претседател. Премиерот Путин од Пекинг директно допатува во регионот, за од Северна Осетија да ја координира помошта за бегалците заедно со министерот за случаи на катастрофи Сергеј Шојгу. Од многу области на Русија е понудена помош и желба да се прифатат бегалците.

Путин на Грузија и’ ја префрли одговорноста за воената криза - офанзивата против Јужна Осетија, според него, била злосторство со далекусежни последици: „Грузија си зададе смртен удар самата себе си и на својот територијален интегритет. Тешко е да се замисли дека Јужна Осетија, по овие настани, ќе може да биде наговорена да стапи во државен сојуз со Грузија“, рече Путин.

Тој го предупреди НАТО да не ја прима Грузија во членство. „Грузија не сака да биде дел од меѓународниот безбедносен систем и да даде придонес за мирот. Ова многу повеќе е обид и други држави и народи да бидат вклучени во крвава авантура“, рече Путин.


Сакашвили нуди примирје и прогласува воена состојба!


Грузискиот претседател Михал Сакашвили возврати со вербален контра-напад од Тбилиси: „Во оваа војна не станува збор за Јужна Осетија - таа никогаш не беше на прво место. Станува збор за тоа, да биде нападната мала демократска нација која би сакала да живее во мир и слобода“. Сакашвили им префрли на руските трупи за терор и убиства и ја спореди интервенцијата со влегувањето на Советите во Авганистан.

Неговата понуда за примирје звучи чудно, оти истовремено со неа парламентот прогласи 15-дневна воена состојба во земјата. Кремљ опстојува врз ставот - примирје е можно само ако Грузија ги повлече трупите и потпише договор за непримена на сила спрема Јужна Осетија и Абхазија.

►◄