1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рур 2010: Маси и скејтери на автопат

19 јули 2010

На автопатот А40 вчера се одржа еден од најголемите улични фестивали во светот и најнеобичната манифестација што ја доживеа Рурската област во рамките на прославата на „Рур 2010 - европски град на културата“.

https://p.dw.com/p/OOwy
Наместо колони автомобили - колони луѓеФотографија: DW/Nelioubin

Три милиони луѓе, со велосипеди, пеш или на ролерки беа на излет на автопатот А 40, меѓу Дортмунд и Дуизбиург, во должина од 60 километри. Но, тука не завршуваат суперлативите во бројки: беа поставени и 20 илјади маси, во организацијата учествуваа 11.700 луѓе и беа донесени 500.000 шишиња вода. Уште во 11 часот, кога официјално почна уличниот фестивал, автопатот беше полн: „Можам да кажам, сите неизмерно се радуваа, попат слушавме дека ваква манифестација треба почесто да се одржува. Ние сме подготвени за тоа, а исто и луѓето во Рурската област,“ истакна Фриц Плајтген, раководител на манифестацијата „Рур 2010 - европски град на културата“ на отворањето на фестивалот, во регионот кој по традиција се смета за индустриски и досега не бил метропола за култура на секојдневието. Луѓето кои дојдоа се фотографираа и славеа, секој сакаше да документира дека бил присутен. „Уметничко дело само за себе“ вели една жена: „Сметам дека е супер, воопшто не очекував, да бидам искрена, дека ќе има толку многу луѓе. Мислам дека расположението е супер, луѓето кои поминуваат, сите се многу пријателски расположени и отворени. Само колку велосипеди има, неверојатно, ако некогаш повторно се одржи, сигурно ќе дојдам. Навистина супер.“

Kulturhauptstadt Ruhr 2010 Still-Leben A40
„Рур 2010 - европски град на културата“Фотографија: DW
Kulturhauptstadt Ruhr 2010 Still-Leben A40
„Рур 2010 - европски град на културата“Фотографија: DW

По бесконечните маси на автопатот А40 се презентираа културни здруженија, фирми и спортски клубови. Една 80-годишна жена од Холандија го прослави својот роденден на автопатот, група од Дортмунд свиреше рок музика од 80-тите години, се одржаа и курсеви по плетење, а присутна беше и група витези. Секоја маса беше мала бина, каде се свиреше музика, се црташе, се танцуваше, се јадеше и многу се дискутираше. Култура од дневните и детските соби впрочем, а не висока култура. Но, тоа не беше единствената цел, вели портпаролот Оливер Шејт, со оглед на тоа што во Рурската област живеат луѓе од 140 земји: „Ние во Рур 2010 работиме на промена на имиџот. Одлучувачки е и надовор од границите на Германија луѓето да станат свесни дека ова е третиот по големина центар во Европа по однос на концентрација на индустрија и население, на кого белег му даваат многу култури, многу нации.“

Kulturhauptstadt Ruhr 2010 Still-Leben A40
„Рур 2010 - европски град на културата“Фотографија: DW

Автор: Надер Алсарас / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска