Рударска несреќа во Сибир, 46 рудари заглавени под земја
25 ноември 2021Во рудник за јаглен во западниот дел од Сибир се случи експлозија во која животот го загубиле најмалку единаесет рудари, а повеќемина се повредени. Во јамата уште се наоѓаат 46 рудари, со кои засега не постои контакт, соопшти гувернерот на областа Кемерово, Сергеј Зивиљов. Од окното на рудникот во меѓувреме се спасени 237 работници, повеќе од 40 од нив се пренесени во болница, соопшти Службата за цивилна заштита.
Во утринските часови денеска во рудникот дошло до експлозија, на длабочина од 250 метри, за која причините засега не се познати.
Нејасна е ситуацијата и на заглавените рудари во рудникот, влезовите биле полни со чад, сведочат работниците. Спасувачките екипи се обидуваа да стигнат до рударите, но поради опасност од експлозија, нивната работа е прекината. Во Листвачнаја рудникот во близина на Белово и порано доаѓаше до тешки несреќи, во експлозија на метан во 2004 година загинаа 13 лица.
Работата во ископот на јаглен во Русија се смета за високо ризична по живот, поради елементарни непочитувања на сигурносните прописи често се случуваат несреќи, меѓу другото експлозија на метан гас. Овој лесно запаллив гас се ослободува при работата во рудниците, а при недоволна вентилација се собира во ходниците.