1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите на Балканот - сиромашни, но не и прогонувани

Обработка. Е.М.Фиданоска11 септември 2014

Ромите на Балканот се често сиромашни, но не се прогонувани, пишува денеска германскиот весник „Франкфуртер рундшау“. Швајцарски „НЦЦ“, пак, се занимава со проблемите на Грција со Македонија и Албанија.

https://p.dw.com/p/1DAYe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Наведувајќи дека годинава во Германија барање за азил поднесле 12.000 српски државјани, 4.600 македонски и 4.200 босански граѓани, весникот „Франкфуртер рундшау“ пишува дека поголемиот дел се Роми, „или како такви се определуваат кога ќе бидат прашани“. Натаму весникот анализира:

„Ромите се многу дискриминирани во Источна Европа, толку што тоа личи на прогон“, велат организациите за бегалци и затоа го бранат правото на барање азил. Дел од германските покраини ја прифаќаат таквата аргументација. Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие, наспроти тоа, сака да ги прогласи Србија, Македонија и Босна за т.н. сигурни земји. Кој е во право?

Кој еднаш видел како мора да живеат Ромите на Балканот, тој не би сакал да ги врати назад. Тие во Белград си имаат изградено мали колиби од лим, собрани штици или картон. Кога врне, водата протекува, а калта паѓа на душеците кои ги пронашле на отпад. Тука никој нема работно место. Многумина работат на црно, повеќето собираат шишиња или отпад или, пак, питачат. Се греат со запалено ѓубре. На периферијата на ’Шутка’ во македонскиот главен град Скопје, населба во која живеат околу 50.000 жители, децата раснат во скривалишта без прозорци во кои во зимските месеци се изложени на студ. Спијат во излитена облека, која нивните родители ја добиле од некого или ја пронашле некаде.

Но, дали овие луѓе се прогонувани? Ако некаде во регионот Ромите се изложени на етнички прогон, тогаш е тоа во Унгарија, членка на ЕУ во која десноекстремните групи ја подбуцнуваат јавноста, одат во ’лов на Роми’ и каде полицијата го одвраќа погледот. Во принцип, меѓутоа, во земјите-членки на ЕУ не се прифаќаат барањата за азил од некоја друга членка на Унијата.

Дури и дискриминацијата на етничка основа во Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во основа е далеку од онаа што Ромите мора да ја поднесуваат во Унгарија, Чешка или Франција. Освен ако станува збор за позитивна дискриминација. Во Шутка ромскиот е официјален јазик. Ромите имаат градоначалник и еден министер во Владата. Има службеници Роми и полицајци Роми. Во 1994 година во земјата имало 17 студенти Роми, а денес се 350...

Во БиХ политичката ситуација во однос на другите земји е потешка. Малите ромски заедници често се наоѓаат во вкрстен оган меѓу две спротивставени етнички заедници, така што често пропаѓат проекти кои би им овозможиле изградба на инфраструктура. Согласно ’Дејтонскиот договор’ од 1995 година, претседател на БиХ може да биде само некој кој е Бошњак, Србин или Хрват. Ром значи не може“.

Во текстот натаму се оценува дека за Ромите во Македонија и Србија традиционално се зборува со многу помалку омаловажување отколку во соседните земји Унгарија, Бугарија и Романија.

„Рапространетото клише во Европа за Ромите како крадци, во тие две земји е речиси непознато. Дури и кога во 90-тите години во Србија владееше милитантен национализам, изразито шовинистичката Српска радикална партија им дозволуваше на Ромите на своите собири да се јавуваат за збор и да аплаудираат.

Тоа што Ромите во сите три земји живеат главно во свои делови од градовите или селата не значи и гетоизација. Во етнички поделените општества на Балканот и Албанците, Македонците, Србите, Бошњаците живеат во поделени квартови. Само што сместувалиштата на Ромите се значително посиромашни, потесни, полоши“.

Roma auf dem Balkan
Фотографија: picture-alliance/ZB

Наведувајќи дека невработеноста кај Ромите е константно над 30%, весникот пишува:

„Отворена и негативна дискриминација на Ромите во Македонија има од страна на државата од 2011 година и тоа токму под притисок на германската влада. Поради тоа што се‘ поголем број Роми бараа азил во Германија, Берлин ги принуди кандидатите за членство во ЕУ - Србија и Македонија, да го казнуваат ’пружањето помош при злоупотреба на социјалната помош во државите на ЕУ’. Оттогаш возачите на автобуси, за да избегнат казна, од возилата ги исфрлаат сите кои изгледаат како Роми. Доколку таа иста Германија сега смета дека Ромите во Србија, Македонија и Босна и Херцеговина се прогонувани, тогаш тоа значи ставање круна на цинизмот.

Оној кој смета дека Ромите на Балканот не се прогонувани, не мора поради тоа веднаш да бара враќање на барателите на азил во тешките животни околности. Повеќето од нив сакаат само да ја минат зимата на суво. Тие доаѓаат со цели семејства, многу деца, понекогаш и дедовци и баби, од кои многумина се актуно или хронично болни. Дури и ако не добиваат азил, тие си го наоѓаат патот кој води кон некоја богата земја. Правото на престој од хуманитарни причини е како создадено за нив“, завршува „Франкфуртер рундашу“.

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ) денеска (11.09) пишува за споровите на Грција со своите соседи - Македонија и Албанија. Во текстот на Андреас Ернст уште во првата реченица се констатира дека „на Грција не и‘ оди добро“ и се продолжува:

„Не е за чудење што владата се обидува да ја компензира социјалната мизерија со национална гордост. Тоа го чувствуваат, меѓу другите, соседните земји. За разлика од Македонија и Албанија, Грција е членка на ЕУ. Таа притоа, без колебање, го користи правото на вето против чекорите на интеграција на соседите.

Logo: Neue Züricher Zeitung, NZZ

Познат е долгогодишниот спор со Македонија околу нејзиното име. Грција него го сфаќа како напад врз својот историски идентитет. Таа продолжува со блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ и се чини како и да не размислува за компромис во моментов. Тоа се одразува разурнувачки на внатрешниот развој во Македонија.

Но, и Албанија ја чувствува моќта на грчкото вето. На новите пасоши Тирана на своите граѓани им ги имаше напишано грчките места на раѓање онака како што тие се нарекуваат на албански. Атина протестираше жестоко и побара ултимативно употреба на грчките имиња на местата. Тирана попушти, пасошите беа променети.

Покрај кризата има уште една причина за грчката чувствителност - Атина се плаши од големоалбански барања за регионот Епир. Тој и‘ припадна на Грција дури по Балканските војни во 1913 година и таму живееше големо албанско малцинство... Но, дали на Рим би му паднало на памет да го скандализира описот на Милано на германски јазик во швајцарските пасоши (Мајланд, н.з.) затоа што средновековните Швајцарци имале стремежи кон ова војводство?“, прашува „НЦЦ“.