1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Македонските романописателки

1 март 2021

Најчудно е кога писателките се именуваат себеси „жени-писатели“! Тоа е остаток од наследени клишеа и традиционални „родови задачи“. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3q2hX
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Зборовите не се само невидливи палимпсести од значења. Зборовите понекогаш го отсликуваат и амбивалентниот однос на општеството кон тоа што тие го именуваат. Тие се често симптом и за нерефлектирана јазична и културна состојба. Ова го илустрира положбата на некои феминативи во македонската култура.

Во декември 2019-та, ДПМ известува под насловот „Женското писмо: отворени прашања“, за настан посветен на „творештвото на македонските жени-писатели". „Женско писмо“, а „жени-писатели“? „Женско писмо“ е израз за сензибилност за родова различност. „Жени-писатели“ е израз за недостиг на таква сензибилност. Зошто еснафското здружение на писателите (и писателките) го изумил феминативот „писателка“, па говори за „жени-писатели"? Од Фројд одамна научивме дека нашиот амбивалентен однос кон нештата го издаваат навидум несаканите „лапсуси“. Затоа си велам: па тоа „друштво“ мисли така, како што се доживува себеси – како клуб на мажи! За волја на вистината, жените се одамна  присутни во него. Некои се одликувани и со највисоките награди на ДПМ. Или, можеби, писателките, и како членки на ДПМ, не се доволно „видливи“ за да бидат именувани со нивното име?

Но и Министерството за култура говори во еден  прилог од март 2020-та за изложба на „книги чии автори се жени писателки". Именката „жени“, суштествена за темата на прилогот, е  „затворена” меѓу две именки од машки род, небаре заталкала меѓу нив. Зошто не може „изложба на книги на авторки“ или „изложба на книги на писателки"? Впрочем, синтагмата „жени-писатели" сугерира дека жените само ја играат улогата на писатели. Дека тоа не е така, сведочи феминативот „писателка“, кој одамна постои. Освен тоа, македонската литература е богата со дела од писателки.  Што значи, не е лесно да се превиде нивната присутност во реалноста. Сепак, во јазикот владее збрка во нивното именување.

Родова самосвест

Најчудно е кога писателките се именуваат себеси „жени-писатели“! Тоа е остаток од наследени клишеа и традиционални „родови задачи“. И покрај еманципацијата на жените преку образованието, сферата на духот, на творештвото и во социјализмот најчесто беше „машки домен“. Затоа долго немавме именка и за жена што се занимава со филозофија. Иако, од неодамна, имаме – филозофина! Имено, зборообразувачката сила на еден јазик зависи и од самосвеста на тие кои се именуваат со тој збор. Во мигот кога во една култура јасно се артикулира една интелектуална или уметничка дејност,  нејзиниот жив импулс бара сопствено име. Обликувањето на феминативите претпоставува силна родова самосвест. Не можете како жена да бидете автентична во своето творештво, а уште да се именувате себеси со „провизорно“ име. Такво е „жена-филозоф“ или „жена-писател“.

Уште посложена е состојбата со именувањето на жените кои пишуваат романи. Од неговата појава во европската граѓанска култура, романот беше долго „царство на мажите". Во Македонија првиот роман го напиша 1952-та Славко Јаневски. Тоа значи, романот „Село зад седумте јасени“, со кој почнува историјата на  новиот македонски литературен жанр, е стар само 69 години! Со оглед на тоа што стандардниот македонски јазик е кодифициран само неколку години порано, овој факт е речиси револуционерен. Секој би се согласил дека појавата на првиот македонски роман по толку кус период сведочи за творечка дарба. Славко Јаневски е првиот македонски романописец. Урнеци за именката имало во постарите именки: иконописец, патописец или песнописец. Тие, пак, означуваат области во кои традиционално жените не учествувале. 

Затоа мислам дека првиот роман напишан од жена во Македонија е факт со уште посилно симболичко значење. Не само затоа што е напишан само 13 години по романот на Јаневски. Посимптоматичен за положбата на писателките во тогашната литартурна сфера е фактот што чекал да биде објавен цели четири години! 1969-та, издавачката куќа „Мисла“ во Скопје, го објавува првиот роман на Драгица Најческа, „Пеперуга со натопени крилја“. Во интервјуто за „Слободен печат“ по повод новото издание на романот во мај 2020 во ИЛИ-ИЛИ, новинарката ја нарекува Најческа „првата жена-автор на роман“. А не едноставно „прва авторка на роман“! Исто се вели дека таа е „прва жена романописец во Македонија". Патем, во интервјуто и Најческа се нарекува себеси „жена-писател“! Романот го напишала 1965-та, во Белград, за време на постдипломските студии. Го превела на српски и им го дала на читање на писателите Душко Костиќ и Бранко Ќопиќ. Откако кусо време потоа тие и‘ одговориле со позитивно мислење, го понудила ракописот на „Мисла“, на која и‘ требале цели две години за да побара рецензија од Блаже Конески! А со позитивна рецензија од него, романот чекал уште две години да биде објавен. „Зошто неговата рецензија две години лежела заклучена во фиока, како и мојот ракопис, до денес остана енигма за мене“, вели Најческа во интервјуто. Причината ја насетува секој што ја познава македонската литературна сцена во тоа време, во која доминираа писателите, а жените имаа само една сфера за израз – поезијата. Затоа во македонскиот јазик одамна постои именката поетеса!

Други колумни од авторката:

Писателите и нивните ликови во романите

За лечебната моќ на литературата и на читањето

Жените во литературата

Поетесите не го загрозуваа ореолот на великите романописци. Поетесите се познати уште од времето на Гркинката Сафо. Тие не мора самите да се дефинираат. Но романописателството и во Македонија беше долго „машка дисциплина“. Храброста, творечката слобода на Драгица Најческа, е восхитувачка, затоа што таа не се придржувала за ова непишано правило. Бездруго, не е занемарлив и фактот што таа романот го пишувала во Белград, во една литературната средина во која писателките и во тоа време беа многу суверени. Токму затоа сите ние, современите македонски романописателки, и‘ должиме на Драгица Најческа длабока благодарност.

Одамна заслужено име

Секоја година се зголемува бројот на романите напишани од писателки. Од 40-те романи пријавени на овогодинешниот конкурс за наградата „Роман на годината“, единаесет се напишани од писателки, а 29 од писатели. Иако временската разлика помеѓу објавувањето на првиот роман од македонски писател и од македонска писателка е само седумнаесет години, застапеноста на мажите во македонската романескна продукција е речиси трипати поголема од онаа на жените. По долгите години во кои објавуваше само поезија и книги за деца, Оливера Николова го напиша својот прв роман, „Тесна врата“, дури во 1983-та. Пишувањето роман бара долготрајна и концентрирана работа во осама. Тоа не го дозволува животното доба на жените во кое тие се, пред се‘, посветени на раѓањето и на растењето деца. Тогаш за пишувањето останува само ноќта, кога децата спијат. Но, мислам  дека за растот на романескното творештво на жените во македонската литература беше потребна самосвест и самодоверба во сопствената творечка моќ. Македонските жени отсекогаш твореле. Дури и во традиционалната „поделба на трудот“ во фамилиите. Тие ја создавале народната поезија. Како што и со сета душа се предавале на творештвото на ткаежот, како нашите баби и прабаби. Одајата со разбојот е првиот македонски женски творечки простор. За таа македонска непозната даровита жена, која создава поезија на истиот начин како што чудесно го ткае ткаежот, се симболи Ника и Лина Гаврилови во мојот роман „Жените Гаврилови“. Жените на Баухаус во Германија докажаа дека беше доволно да им биде даден простор, за да ја изразат својата творечка дарба. Таа беше силна како вруток, затоа што жените чекаа на тој миг со векови. Така е и со жените во македонското романескно творештво. Тоа е навистина восхитувачко. И тоа во сите генерации!

Недостига само уште соодветниот феминатив - именката за жената што пишува романи. Секако, таа не може да се изведе од именката романописец. Меѓутоа, јас веќе го употребувам  феминативот романописателка. Поучена од германскиот и од рускиот јазик. Во германскиот постои машки и женски род на именката за оваа литературна дејност: Romanschriftsteller (романописател) и Romanschriftstellerin (романописателка). Исто е и во рускиот јазик: романописатель и романописательница. Македонските романописци може да се нарекуваат и понатаму со тоа име. Иако романописател е многу повеќе во созвучје со долготрајниот чин на создавање на романот! Меѓутоа, многу поважно е конечно да се образува и да се воведе во употреба толку неопходниот македонски феминатив: романописателка. Македонските романописателки одамна заслужуваат сопствено име! 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.