1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романските деца - жртви на педофилска мрежа

Кристијан Стефанеску/Б. Георгиевски1 март 2014

Во Германија бил осуден за злоставување деца. Но, Маркус Рот тоа не го спречило да продолжи со криминалот во Романија. Неговите фотографии на разголени деца, наводно ги купувал и еден германски политичар.

https://p.dw.com/p/1BHtj
Фотографија: Fotolia/pegbes

Маркус Рот важел за социјално ангажиран претприемач кој во слободното време работел со деца. Уште во 2001. година со една фирма за преработка на дрво дошол во Романија и по некое време почнал да нуди бесплатни курсеви за карате на деца и млади на северот на земјата. Но, во реалноста Рот ги фотографирал голите деца, а фотографиите ги продавал на една интернет- компанија во Канада. Преку оваа фирма наводно и германскиот социјалдемократски политичар Себастијан Едати купувал фотографии на голи деца.

Случајот Едати веќе со недели ги полни германските медиуми, а во екот на аферата оставка поднесе и еден министер во владата на Ангела Меркел. Маркус Рот е уапсен во 2010. година и осуден на две години затвор.

Наместо злосторникот, на тапет децата

По излегувањето од затвор повторно се вратил во Германија. Бројни медиуми во земјата, поради законските ограничувања не го споменуваа неговото полно име и презиме. Но, она што изненадува е што наместо името на злосторникот, германските медиуми ги објавуваат нецензурираните имиња на неговите жртви, па дури и фотографиите на злоупотребените жртви.

Sebastian Edathy
Себастијан ЕдатиФотографија: picture-alliance/dpa

„Недозволиво е германските медиуми да го штитат сторителот, а од друга страна отворено да говорат за децата, членовите на семејствата и селата во кои живеат жртвите“, вели Стефан Кандеа, раководител на Романскиот центар за истражувачко новинарство. Кандеа е новинарот кој, заедно со колеги од канадскиот весник Торонто Стар, ја разобличи педофилската мрежа за препродажба на фотографии со детска порнографија.

„Доколку објавувањето на фотографиите на децата во медиумите би имало за цел да се расветлат случаите во рамките на борбата против детската порнографија, тоа не би било проблем. Но, се плашам дека не се работи за такви цели“, вели Кандеа. Сѐ се врти околу политичарот Едати, тврди Кандеа, кој се повлече од пратеничката функција по откривањето на скандалот.

Но, најголемиот скандал е тоа што Маркус Рот, пред да дојде во Романија, во Германија веќе одлежал казна поради сексуално искористување малолетници. Во Романија непречено можел да го прави она што му било забрането во Германија, како на осуден педофил. Имено, да врши работи кои имаат врска со деца: тренер, ментор или воспитувач. Поради тоа, по излегувањето од затвор тој бил набљудуван од полицијата. Но, проблемот е во тоа што германската полиција за тоа не ги известила своите колеги од Романија, кога Рот се преселил таму.

Криминален рај

Притоа, Рот не ја одбрал случајно Романија за својот нов престој. „Романија веќе со години важи за криминален рај, особено за сексуален криминал“, вели романскиот психолог, Габриел Диакону. За таквата состојба тој го обвинува историското наследство.

„Се работи за комунистичкото наследство и може да се толкува како последица на тешката сиромаштија и запоставувањето на децата, што во Романија сѐ уште многумина го прават. Едноставно недостасуваат институции кои се грижат за децата“, вели Диакону.

UNICEF Recherchereise in Rumänien
Голем број деца во Романија живеат во тешка сиромаштијаФотографија: UNICEF/Tarneden

Но, психолозите и социјалните работници, според Диакону, не треба да ги игнорираат случаите на злоставување малолетници, само затоа што се работи за случувања во една екстремно сиромашна земја.

„Децата не се само романски државјани, туку се и жртви на меѓународен педофилски ланец. Детската порнографија не може да се сведува само на местото каде што се случила“, вели тој.

Фактот што децата-жртви во германските медиуми се објавуваат под целосниот идентитет, од нив уште една прави жртви. Новинарот Кандеа објаснува дека на ниту едно од семејствата на жртвите не им било овозможено да бараат отштета од Маркус Рот. Ниту едно од злоставуваните деца не добило психијатриска помош. Многу родители се жалат дека романското обвинителство многу грубо се однесува кон децата. Па така, на крајот, без оглед на исходот на скандалот во Германија, искористуваните деца останаа без поддршката која им е толку потребна.