1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија - катастрофа или шанса за нов почеток?

Коментар: Роберт Шварц / Превод: Жана Ацеска30 јули 2012

Референдумот за смена на претседателот во Романија не успеа . Без оглед на „победата“, Басеску треба да го ослободи патот за предвремени претседателски избори, смета Роберт Шварц во својот коментар.

https://p.dw.com/p/15gUD
Фотографија: Reuters

Фактите покажуваат дека референдумот за симнување од власт на романскиот претседател Басеску, организиран од социјално-либералната влада, пропадна двократно. Прво, само 46 проценти од Романците се согласи на учество во играта за смена на Басеску, под потребната половина од гласачите. Бојкотот на конзервативната опозиција сигурно придонесе за пропаѓање на референдумот.

Сепак, таборот на Басеску моментно има поддршка од само 20 проценти од избирачите. Од друга страна, премиерот Виктор Понта и преодниот претседател, либералот Крин Антонеску, мораа да ја признаат малата заинтересираност на нивните приврзеници за референдумот, иако 88 насто од нив се изјасниле против Басеску. Но, сепак, повеќе од половина од Романците референдумот воопшто не ги интересирал.

Владата сама си стави камен на вратот

Пред два месеца за социјално-либералниот сојуз направен принудно, се‘ изгледаше поинаку. Седумдесет проценти Романци, покажаа анкетите на јавното мислење, го поддржаа процесот на симнување на Басеску од функцијата претседател. Зад завесата на одглумениот демократски парламентаризам беа игнорирани одлуките на Уставниот суд.Сите важни функции им беа доделени на партиските функционери од сопствените редови. Круна на се‘ требаше да биде отстранувањето на претседателот. Намерата пропадна, слично како обидот за сменување на Басеску во 2007. година. Ќе пропадне и секој обид на социјално-либералната влада да спаси што може да се спаси и да обезбеди политичко преживување.

Губитокот на довербата кај граѓаните и кај партнерите во ЕУ е огромен. Исто така нема преку ноќ да исчезне ни сомнежот во намерата на властодржците да го контролираат судството, за да можат да ги заштитат корумпираните политичари од сопствените редови од изрекување пресуди.

12.07.2012 DW Quadriga Robert Schwartz
Роберт Шварц, автор на коментарот

Неизвесна политичка иднина

Прашањето е - како натаму? Уставниот суд мора прво да го прогласи референдумот за неважечки поради премалиот одзив на гласачи. Социјално-либералната влада во парламентот најави дека ќе ги почитува одлуките на Уставниот суд. Но, претходно соопшти дека дека последен збор сепак ќе има парламентот. Со други зборови, одлуката на Уставниот суд нема да игра никаква улога. Но, во ЕУ, чија членка е Романија, почитувањето на демократските правни норми изгледа сосем поинаку. На оној кој еднаш излажал, не му се верува ни кога ја зборува вистината, гласи народната поговорка која се‘ уште важи. Понта повеќепати лажеше и на тој начин трајно им наштети на својот народ и на својата земја. Потврдени се обвинувањата за плагијат на неговата докторска работа. Понта во Брисел зборува едно, а дома работи сосем друго. Затоа нема да успее уште долго да ја задржи премиерската позиција. И неговиот партнер, предониот претседател Антонеску, може да исчезне од политичката сцена. Но, ниту таборот на Басеску нема да биде со долг век. Стариот претседател треба да се врати на својата функција во палатата, но неговата власт е ослабната. Негова соработка со социјално-либералната влада, како што се покажа со најновата епизода, е речиси невозможна. Продолжувањето на политичката криза меѓутоа Романија може да ја доведе во опасни вртлози, од кои и стариот поморец Басеску (пред неговата политичка кариера беше капетан на брод), нема да може да најде излез.

За земјата да се врати во помирни води, за Басеску постои практично само една можност: оставка и отворање пат за предвремени претседателски избори есента оваа година, пред предвидените парламентарни избори. Крајно време е Романија 23 години по падот на комунистичакта диктатура, да се прости со старите политички клики. Реална шанса треба да добијат млади и веродостојни политичари, за во Романија да завладеат демократијата и европските вредности по овој апсурден летен театар.