1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рок концерти за привлекување млади верници

11 јуни 2011

Евангелистичката црква во Германија се обидува преку нови содржини да го запре осипувањето на верниците и да ги привлече младите. Тоа се прави и со засилено присуство на музиката во црквите.

https://p.dw.com/p/11XxC
Рок гитари на мисаФотографија: DW

Евангелистичката црква во Германија, задоволно трие раце по неодамна одржаните 33-ти Црковни денови. Зашто, додека во текот на годината во протестантските цркви ширум земјата се собира грст луѓе, главно постари верници, на Црковните денови врие од млади, добро расположени гости, длабоко вкоренети во својата вера. Причината можеби треба да се бара токму во програмата на Црковните денови: преку 300 собири, концерти, дебати. Притоа, понекогаш е тешко да се воочи разликата меѓу миса и рок-концерт.

Миса или концерт?

Така беше и во црквата „Светиот дух“ во Дрезден, од каде допираа звуците на бас гитара. Она што на прв поглед делуваше како концерт на некој локален рок-бенд, всушност беше миса. Тројца евангелистички пастори основаа група која се вика „Црни дупки“ и својата миса-настап не ја доживуваат како нешто поневообичаено, отколку најнормална форма на пристап кон младите верници. Тројцата пастори, од кои едниот има 52 години, веќе не се во доба кога е баш најнормално да се искачат на бината со гитара в раце, но од долгогодишното искуство стекнато со работа со младите верници знаат што ги придвижува младите.

Der rockende Pfarrer Michael Leonhardi
Пасторот Михаел ЛеонардиФотографија: DW

Еден од пасторите-рокери, Ханс Јирген Румел, до пред 15 години свирел гитара во еден панк состав. Останатите двајца, Хенинг Олшовски и Михаел Леонарди порано немале искуство со „шоу бизнисот“. На идејата за одржување рок-миса дошле по доброто прифаќање на нивната музика, меѓу другото и од затворениците во еден затвор. Рок-мисите почнуваат како и сите други, вели пасторот Леонард: „Почнуваме секогаш во мантија. Ја одржуваме мисата и молитвата, како што прават сите пастори. Потоа ги соблекуваме мантиите, зашто во нив е тешко да се свири. Тогаш веќе се чувствувам целосно слободен и можам да го изаразам она што ми лежи на срцето преку свирката“.

Како да се запре осипувањето на верниците

Музиката во протестантската религија и така игра важна улога. Наместо хорско пеење, од црквата вака допираат соло изведби, но музиката и пораката остануваат исти - заеднички во верата.

Новите идеи во црквите во Германија, не само во протестантските, туку и во католичките, се преку потребни заради запирање на масовното истапување на верниците од црквата. Во 2010 година на евангелистичката црква во Германија грбот и‘ го завртија 150 илјади верници, на католичката дури 180 илјади. Ситуацијата е критична посебно во источниот дел од земјата, на подрачјето на поранешната ГДР.

Во првите денови по формирањето на ГДР по Втората светска војна дури 80 проценти од граѓаните се изјаснуваа како верници. Денеска за религиозни се сметаат само една петтина од граѓаните.

Младите бараат свој простор во црквата

Причините за засиленото напуштање на црквата во последно време треба да се бараат во педофилските скандали кои ги потресуваат црковните кругови. Но, скандалите само го забрзаа процесот почнат пред десетина години. Кога се младите во прашање, на црквата најчесто и‘ забележуваат за недостаток на прикладни содржини.

Die Kirche rockt
Плакат на групата „Црни дупки“Фотографија: DW

Младите во црквата сакаат простор кој би им бил наменет токму ним. „Црните дупки“ го постигнуваат токму тоа со своите настапи. На рок мисата во Дрезден еден млад татко, кој тука стигна со целото семејство, смета дека тоа е она вистинското што и‘ недостасува на црквата: „За мене ова е идеално. Јас сум во потрага по алтернативни богослужби, зашто и самиот работам во црква. Не сум разочаран, напротив, одушевен сум“. Се чини дека неговото одушевување го делеа многумина посетители на црквата „Светиот дух“ во Дрезден.

Автор: Кристина Бејерт/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска