1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ривалството меѓу шиитите и сунитите клучно за Сирија

Сабине Хартер Мојдехи / Б.Георгиевски24 август 2012

На граѓанската војна во Сирија се’ повеќе се гледа како на војна меѓу шиитите и сунитите. Саудиска Арабија е симбол за сунитското население, додека Иран за шиитите. Ривалството меѓу нив датира уште од раниот ислам.

https://p.dw.com/p/15vxz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Доколку пророкот Мухамед одредеше свој наследник пред смртта во 623. година, можеби денес се’ би било поинаку. Тогаш младата исламска заедница, се распаднала само 30 години по смртта на Пророкот. Мнозинството го сочинувале муслимани, кои подоцна се нарекуваат сунити, додека во втората група се наоѓаат следбениците на Али ибн Талиб, роднина и зет на Мухамед. Од втората група подоцна се формира шиитската заедница. До денес тие претставуваат малцинство и сочинуваат меѓу 10 и 15 проценти од вкупно 1,6 милијарди муслимани во светот.

„На почетокот тоа бил политички судир. Се спорело околу лични одлуки и интереси на различни групи. А, потоа политичкиот конфликт бил проширен во верски“, вели Лук Бергер, кој го проучува исламот на Универзитетот Кил. Тој додава дека шиитите, на некој начин, се историските губитници. На Али и на неговите следбеници не им успеало да бидат прифатени во целата исламска заедница.

Разлики во верувањата

Според шиитското верување, верските лидери - имамите, ги бира Бог. Верата во имамот е една од најважните разлики. За шиитите, имамот е посредник меѓу Бог и верниците, само на имамот му е позната скриената смисла на Коранот и неговата задача е тоа да и’ го проследи на заедницата. Неговите изјави, за шиитите, имаат ист авторитет како и Коранот.

„Сунитите, од друга страна, на шиитите им префрлаат дека ги обожуваат луѓето - Али и неговите следбеници, дека им даваат натчовечка моќ и со тоа се оддалечуваат од основните принципи на исламот - дека постои само еден Бог и дека кон луѓето не смее да се однесува како кон Бога“, вели Лук Бергер.

Во светот има околу 1,6 милијарди муслимани, од нив, меѓу 85 и 90 отсто се сунити. Прецизни информации не постојат, затоа што во многу земји нема податоци за верска припадност. Освен тоа, шиитите не ја покажуваат отворено својата верска припадност, особено доколку живеат во средини со мнозинско сунитско население.

Kaaba Mekaa Islam
МекаФотографија: dapd

Во земјите на северна Африка, се‘ до Сахара, мнозинското население се сунити. Истото важи и за Саудиска Арабија, Индонезија и Бангладеш. И во Сирија и во палестинските области мнозинството се сунити.

Шиитите се мнозинство во Иран, Ирак и Бахреин. Во Либан, тие претставуваат околу една третина од населението, а ги има и во Авганистан, Кувајт, Пакистан и Сирија.