1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Решете го името и дојдете во НАТО!“

18 јуни 2010

Решение на спорот за името и продолжување на реформите се клуч за влез на Македонија во НАТО, изјави денеска во Скопје генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски

https://p.dw.com/p/NwcA
Генералниот секретар на Алијансата, РасмусенФотографија: AP

„Јасно е дека вашата земја продолжува да постигнува напредок во исполнувањето на стандардите на НАТО. Го цениме напредокот што го имате постигнато и вашата посветеност на потребните реформи, но останува да се направат значајни реформи, па мојата порака е: продолжете со реформите, продолжете да придонесувате и колку што е можно поскоро дојдете со решение за прашањето за името. Тоа се клучевите за вратата на НАТО“, рече Расмусен, ветувајќи натамошна поддршка од Алијансата за исполнување на оваа цел.

Македонскиот премиер Никола Груевски, пак, истакна дека членството во НАТО останува еден од највисоките приоритети на Македонија изразен преку високата поддршка кај граѓаните и со учеството во мисиите на Алијансата. Во контекст на претстојниот Самит во Лисабон, рече Груевски, Македонија ќе продолжи да работи на отстранување на главната пречка за членството во НАТО.

„И понатаму продолжуваме да бараме решение за проблемот. Од наша страна се прави максимум, а тоа го очекуваме и од другата. Дотогаш Македонија останува стабилен партнер на НАТО. Продолжуваме со реформите и со нашите мисии во НАТО“, порача македонскиот премиер.

Автор: ЖА/TT/миа

Редактор: Трајче Тосев