1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформите на американското здравство го минаа првиот испит

8 ноември 2009

Американскиот претседател Обама успеа да го протурка планот за здравствена реформа. Со тесно мнозинство и големо противење на опозициските републиканци, Конгресот ги изгласа реформите, кои треба да минат и во Сенатот.

https://p.dw.com/p/KQsQ
Американскиот Претставнички дом во ВашингтонФотографија: Illuscope

Демократите на американскиот претседател Барак Обама ја прославија победата на синоќешното гласање во Конгресот за реформата на здравствениот систем. Со тесно мнозинство од 220 гласа „за“ и 215 „против“, конгресмените го прифатија предизвикот на Обама, кој лично дојде во парламентот и побара од нив да „одговорат на повикот на историјата“. „Ова е моментот кога треба да го исполниме ветеното. Ги повикувам членовите на конгресот да бидат на нивото на моментот, да одговорат на повикот на историјата и да гласаат „да“, рече Обама.

Barack Obama Reaktion auf Friedensnobelpreis Jahrzehnt
Реформите на Обама го минаа првиот тестФотографија: AP

Одлуката на Конгресот е најголемата промена на американскиот здравствен систем во последните четири декади. Се’ уште е неизвесно дали законот ќе помине и во Сенатот, каде разликата во гласови меѓу демократите и републиканците е уште помала. Конзервативците жестоко се спротивставуваат на реформата, а тоа беше евидентно и за време на синоќешната 12 часовна дискусија. „Тоа ќе ги намали работните места, ќе ги зголеми премиите за осигирување, ќе предизвика кратење на програмата ’Медикер’, точно она што Американците не го сакаат“, изјави републиканскиот лидер во Конгресот, Џон Бонер.

САД се единствената развиена индустриска нација која не им го гарантира здравственото осигурување на сите свои граѓани, иако трошоците на државата се речиси еднакви со оние во земјите каде такво нешто е задолжително. Се проценува дека најмалку 36 милиони Американци се без осигурување. Со новиот план се воведува т.н. „јавна опција“, односно можност граѓаните да се осигуруваат преку државна компанија, наместо само во приватни, како досега.

Автор: БГ/АТ/афп/ард