1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум: „за“, „против“ или бојкот?

7 август 2018

Договорот со Грција ја приближува Македонија до остварување на егзистенцијалниот стремеж за станување полноправен член на глобалното семејство на нации. Пишува Кристијан Фидановски од Форумот за демократска Македонија

https://p.dw.com/p/32kKi
Mazedonien Kommunalwahlen
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

За поздравување е долгоочекувањето распишување на референдумот за Договорот за името со Грција, чиј исход ќе биде клучен за евроатлантските интеграции на Македонија, кои се долгорочна стратешка определба на големото мнозинство граѓани на Македонија. Истовремено, обидите за блокада на распишувањето на референдумот од страна на македонската опозиција претставуваат погазување на правото на граѓаните на Македонија да ја изразат својата демократска волја, но и погазување на долгорочната јавна и заедничка определба на двата најголеми политички фактори во државата за референдумско изјаснување по ова прашање.

Дополнително, доколку шпекулациите се вистинити, обидите за условување на референдумскиот процес и на евентуалните уставни промени кои би произлегле од референдумот со амнестија за низата кривични дела за кои се сомничи претходната власт во Македонија се за секоја осуда. Ваквата амнестија би претставувала фатален удар за владеењето на правото во Македонија и за демократскиот кредибилитет на нашата држава.

Манипулативна реторика

Во јавноста бурно се дискутира за консултативната природа на претстојниот референдум. Треба да се има предвид дека бојкот на референдумското прашање, како индиректно изјаснување кон него, претставува легитимно демократско право исто како и директната поддршка или спротивставеност кон прашањето изразена со гласање „за“ или „против“. Сепак, разбирливо е и зошто Владата се одлучи за оваа главно непопуларна опција. Манипулативната реторика со која секојдневно се служат дел од противниците на Договорот за името направи консултативната природа на референдумот да изгледа како единствена опција, бидејќи оваа реторика сериозно го загрозува неотуѓивото право на сите граѓани за информирано гласање на 30 септември, наместо гласање врз основа на спинови и дезинформации.

Kristijan Fidanovski
Кристијан Фидановски е член на Форумот за демократска МакедонијаФотографија: privat

Најчестите вакви дезинформации се непоткрепената фама дека референдумот и онака ќе биде наместен, апсурдното настојување дека можеме да влеземе во евроатлантските институции и како Македонија, како и тенденциозното бесконечно „проширување“ на сферите на примена на Јунскиот договор, за кој некои од противниците на Договорот манипулативно „тврдат“ дека ќе претвори буквално сè што е македонско во северномакедонско. Ваквата реторика започна со самото потпишување на Договорот, кулминираше со распишувањето на референдумот, и очигледно само ќе продолжи да се интензивира до одржувањето на референдумот.

Информирано гласање

Впрочем, деновиве бевме сведоци на еден најеклатантен пример за грдите и опасни ефекти кои ваквата запалива реторика може да ги произведе. Дегутантниот недостаток на човечност кој го покажаа мал дел од граѓаните и одредени јавни личности во Македонија за време на пожарите во Атина не е ништо друго туку директен производ на оваа реторика на омраза.

Во насока на гарантирање аргументиран референдумски дискурс и информирано гласање на 30 септември, клучно е да се повторува дека компромис со Грција ќе претставува услов за евроатлантските интеграции на Македонија без оглед на напредокот на внатрешните реформски процеси. Мора постојано да се има на ум дека тезата на дел од противниците на Договорот, кои велат дека овој договор одвраќа внимание од реформските процеси, или пак претставува одредена замена за нив е целосно неточна и манипулативна.

Договорот, без оглед на неговите несовршености, само ја приближува нашата нација до остварување на долготрајниот и егзистенцијален стремеж за станување полноправен член на глобалното семејство на нации. Оние кои ќе гласаат против или кои ќе бојкотираат мораат да бидат свесни дека со таквиот чекор го отфрлаат овој стремеж.

Кристијан Фидановски има дипломирано политички науки и источноевропски студии на Универзитетскиот Колеџ Лондон. Моментално живее во Вашингтон, каде е дел од постдипломска програма по руски и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун. Дел е од Форумот за демократска Македонија