1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот во Романија пропадна

Карла Енгелхард / Жана Ацеска30 јули 2012

Борбата за превласт во Романија може да продолжи. Според резултатите, претседателот Трајан Басеску го „преживеа“ референдумот за негово сменување од функцијата. Референдумот не успеа поради малата излезност.

https://p.dw.com/p/15gLI
Фотографија: reuters

Само што беа затворени гласачките места во Романија, Трајан Басеску излезе пред своите приврзеници во Букурешт:

„Пламенот на демократијата продолжува да гори. Романците успеаја да го спречат пучот на 256 пратеници под водство на Виктор Понта и Крин Антонеску. Им благодарам на сите кои својот гнев поради мерките за штедење можеа да го остават настрана и разбраа дека на референдумот не се работи за Трајан Басеску, туку дека тоа е изјаснување за Европа, а против пуч“.

На референдумот излегоа само 46 проценти од 18-те милиони граѓани со право на глас. За валиден резултат, беше потребна излезност од најмалку половината гласачи. Со тоа противниците на Басеску, предводени од леволибералната влада на премиерот Виктор Понта, доживеаја неуспех во обидот да го тргнат конзервативниот претседател од функцијата.

Traian Basescu Wahlkampf Rumänien
Трајан Басеску: Пламенот на демократијата продолжува да гориФотографија: Reuters

Но, 80 проценти од оние кои учествуваа на референдумот, гласале против претседателот Трајан Басеску. Неговиот ригиден курс на штедење од минатите месеци, кој го почувствуваа сите Романци, како и неговиот авторитарен стил на владеење, на Басеску му донесоа повеќе гласови против отколку кога било во неговата кариера. За неговиот противник, премиерот Понта, потврда на неговите намери. По неуспешниот референдум Понта изјави:

„Како премиер носам одговорност да не ги разочарам луѓето кои излегоа на гласање и нашата политика, нашите проекти и програми да ги водам и натаму. Ве уверувам дека романската влада ќе ги почитува сите закони и одлуки на Уставниот суд и дека ќе работи како фактор на стабилност и напредок, без разлика дали референдумот успеал или не“.

Victor Ponta
Понта: Како премиер носам одговорност да не ги разочарам луѓето кои излегоа на гласањеФотографија: picture-alliance/dpa

ЕУ остро ја критикуваше социјал-либералната влада на Понта, гледајќи закана за независноста на судството и принципот на поделба на власта во Романија. Тензиите меѓу премиерот Понта и претседателот Басеску, како и меѓу нивните политички табори со неуспехот на референдумот не се завршени. Токму референдумот натамошно го поларизира општеството. Басеску најави посредување по својата победа:

„Ги уверувам Романците дека по враќањето во претседателскиот кабинет, ќе се обидам да помогнам во помирувањето во општеството. Јасно ми е дека многумина Романци не се задоволни со случувањата во последните годни, но убеден сум дека јазот во општеството може да биде надминат.“.

Rumänien Parlament Bukarest
Избори за парламентот ќе се одржат наесенФотографија: AP

Претседателот Басеску на функцијата може да остане до 2014-та година. Аналитичарите сметаат дека во Романија ќе се заостри политичката нестабилност. Предизборната кампања почнува наскоро. Во ноември ќе бидат одржани парламентарни избори.