1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканците неодлучни, кандидатите решени да одат до крај

9 март 2012

Шест американски држави се одлучија за Мит Ромни, три за Рик Санторум, а една за Њут Гингрич. „Супер вторникот“ потврди една работа - републиканците не знаат што сакаат.

https://p.dw.com/p/14H7y
Фотографија: AP

Како брзо се менуваат работите. „Пред шест месеци, благодарение на економската ситуација, се чинеше дека на републиканците им е гарантирана победата на претседателските избори“, вели Кајл Скот политички научник на „Дјук“ универзитетот во Северна Каролина.

Тој вели дека поради тоа што тие не беа способни да изберат единствен кандидат кој ќе му се спротивстави на Барак Обама, шансите на републиканците сега се намалени. А, Мит Ромни, моменталниот фаворит, доби „ќотек“, смета Томас Ман од институцијата „Брукингс“ во Вашингтон, кој е набљудувач на политичката сцена со децении.

„Неговите рејтинзи паднаа, неговите проценки паднаа во делот на независните гласачи, демократите се обединети во нивниот отпор, а републиканците се претпазливи и неконкретни“, вели тој.

Ман вели дека не видел толку слабо поле на кандидати. Причината за ова е, вели тој, што републиканците се наоѓаат во преодна фаза. „Гледаме промена на генерации, каде новите лидери би требало да дојдат во прв план“, забележува тој.

Премногу в десно

Ман уште вели дека републиканската идеологија се придвижи премногу кон десно. За време на изборите во 2010-та за Конгресот, влијанието на конзервативното движење „Чајанка“ се’ уште имаше позитивно влијание, но сега „дури и поранешниот претседател Роналд Реган би бил добредојден како кандидат“, вели тој.

„Очигледно, републиканците бараат идеален кандидат, нешто што не постои во политиката“, забележува Скот.

Прагматичен избор би бил Ромни. Поранешниот гувернер на Масачусетс, според Скот, би можел да добие поддршка во градовите, а Санторум во руралните области.

Super Tuesday USA Vorwahlen
Санторум има шанси за републикански кандидат, ако Гингрич наскоро се повлече, бидејќи и двајцата се борат за исти гласовиФотографија: AP

Прагматичари версус идеалисти

Скот вели дека колебањето на републиканците да се обединат зад еден кандидат го покажува фактот дека тие се поделени.

„Има групи кои сметаат дека личната слобода е најважното прашање, а други ги нагласуваат традиционалните семејни вредности и величината на Америка“, вели тој.

А, двете вредности се судираат. Кандидатот што ги подржува личните слободи и влада што се меша што е можно помалку во животите на луѓето, не може во исто време да биде за воена интервенција и против истополовите бракови. Скот вели дека републиканците мораат да се одлучат дали сакаат да претставуваат обединет фронт.

Зголемена пазарна вредност

Како и да е, Брајан Дарлинг од конзервативната фондација „Херитиџ“ очекува дека наскоро барем еден кандидат ќе се предаде.

„За Њут Гингрич ќе биде тешко да остане во трката, ако не победи на следните гласања во Алабама и Мисисипи“, оценува Дарлинг.

Но, зошто некој како Гингрич, кој повеќе нема многу реални шанси за добивање на номинацијата, би останал во трката? Се работи за репутацијата, вели Скот.

„Колку подолго останете во трката и колку повеќе вашиот противник потроши пари за да ве победи, толку се подобри вашите шанси за висока позиција во кабинетот“, објаснува Скот. Прв таков пример има на другата страна од политичкиот спектрум преку Хилари Клинтон, сегашната државна секретарка, која е во кабинетот на нејзиниот поранешен ривал Обама.

Дарлинг верува дека Санторум има се’ уште шанси да биде републикански кандидат, но ако Гингрич не остане уште долго во трката. Причината е што двајцата се борат за истите гласови – оние од конзервативните христијани. Од друга страна, Рон Пол, според сите политички експерти ќе остане до самиот крај, па дури може и да истапи како трет кандидат против Обама и неговиот републикански предизвикувач.

Автор: Кристина Бергман / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска