„Ренесанса“ на старите прехранбени продукти
Глад и изобилие - тоа се два екстреми, кои и‘ даваат белег на глобалната ситуација со исхраната. Од размената можат да профитираат сите, смета Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО.
Насекаде исто јадење во чинијата
Повеќе од четири милијарди луѓе, проценува Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), исхраната ја темелат само врз три основни прехранбени производи: ориз, пченка и пченица. Но, има околу 50.000 растенија со кои можеме да ја збогатиме нашата исхрана. Многу од нив се резистентни на климата и се‘ уште полесни за одгледување отколку традиционалните сорти.
Разновидност наместо монокултура
ФАО препорачува поголемо различие во насадите и консумирањето на прехранбени производи. Во целиот свет 870 милиони луѓе се недоволно исхранети, а повеќе од една милијарда луѓе имаат прекумерна тежина. Доколку различни сорти растенија би биле подобро користени, би можеле да придонесат за глобална сигурност во исхраната и поздрава исхрана.
Кога недостасуваат витамини
Да се биде сит не значи и нахранет. На основните прехранбени производи им недостасуваат на пример витамин А, цинк и железо. Поради ова многу деца заостануваат во својот развој. Со вркрстувања - и без генетска манипулација - би можело на пример да се покачи уделот на витамините во оризот, пченката и пченицата. Меѓутоа, има прехранбени производи, кои природно се богати со хранливи материи.
Киноа
ОН 2013 ја прогласија за година на растението Киноа. На ова растение му е потребно малку вода, богато е со белковини, магнезиум и железо и може речиси насекаде да се насади. Киноа, во регионот на своето потекло, Јужна Америка, долго се сметаше за основен прехранбен производ на сиромашните. По извозниот бум во меѓувреме чини трипати повеќе од оризот и така за најсиромашните е прескапо.
Амарант
Листовите на ова растение може да се користат како салата или зеленчук. Поради високото количество на протеини, амарантот честопати се користи како бебешка храна. Амарантот е сродна билка со киноата и исто така доаѓа од Јужна Америка, а денес се сади и во Азија, Европа и САД.
Просо
Просото е житарка богата со минерали, меѓу нив многу железо и силициум. Просото може речиси насекаде да се засади и е резистентно во однос на промената на климата. Дури и при суша или лошо земјиште, жетвата не е целосно уништена. Затоа просото во големи делови на Африка и Азија претставува основен прехранбен производ.
Касава
...е уште наречена и маниока или јука. ФАО проценува дека 500 милиони ситни земјоделци во Африка, Азија и Латинска Америка садат маниока. Коренот може да се вари како зеленчук или да се преработи во брашно. Бидејќи листовите содржат многу протеини и витамини, научниците работат на вкрстувања заради добивање сорта со повеќе витамин А во коренот.
Леблебија
Таа потекнува од мала Азија. Денес Индија и Пакистан се главните продуценти. Во Мексико и во Индија, но и во медитеранската кујна, леблебијата игра голема улога. На ова растение му е потребно малку вода. Леблебијата, како и другите мешункасти растенија, содржи големо количество на протеини и исто така ги има важните амино киселини и минерали.
Леќа
Леќата од секогаш бил важен вегетаријански извор на протеини и се сади насекаде во светот. Таа содржи големо количество железо и претставува важен производ за сите кои имаат потреба од железо - на пример вегетаријанците или бремените жени. Леќата расте и на не многу квалитетна земја, и при неповолни климатски услови, но тогаш жетвата е послаба.
Слатки компири
Тие се нарекуваат компири, но се растенија - ползавици. Нивните кртоли содржат особено висок процент на витамин А и бетакаротин - 100 грама речиси ја покриваат дневната потреба на еден човек. Кина е најголемиот продуцент во светот. Во Европа садењето на ова растение се' уште е во фаза на тестирање. Слатките компири се вбројуваат меѓу растенијата кои ФАО ги препорачува за балансирана исхрана.
Топинамбур
Ова растение се нарекува и ерусалимска артишока. Тобинабурот припаѓа кон семејството на сончогледи и може да расте во различни услови. Кртолата (подземно стебло) им се препорачува и на дијабетичарите, бидејќи содржи и инсулин. Кртолите во земја можат да преживеат и температури под нулата.
ФАО препорачува...
...да се купуваат сезонски производи од локалните ситни земјоделци и да се поттикне регионалната разноликост и да се заштеди транспортот. Но, пред се' храната треба да се изеде! ФАО проценува дека во светски рамки се губат 30-40 проценти од храната. Дел поради недостиг на транспортни можности, а друг дел поради несоодветно чување или купување на преголеми количини.