1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ременски и Јовановски на увид во доказниот материјал

13 декември 2019

По увидот, од наредната недела осомничените ќе бидат повикани да дадат исказ во Обвинителството

https://p.dw.com/p/3UjOc
Nord-Mazedonien Prozess "Reket", Gerichtssaal in Skopje
Бојан Јовановски (Боки 13) бил повикан во Основното јавно Обвинителство за гонење организиран криминал да изврши увид во доказниот материјалФотографија: DW/P. Stojanovski

Фросина Ременски, пратеничка и почесен претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз" на Бојан Јовановски (Боки 13) за денеска била повикана во Основното јавно Обвинителство за гонење организиран криминал да изврши увид во доказниот материјал, по истрагата што тоа Обвинителство ја отвори во октомври годинава против пет физички и едно правно лице. Покрај Ременски, на увид во доказите денеска се повикани и првоосомничениот Бојан Јовановски, претседател на „Меѓународниот сојуз",  и неговиот татко Миле Јовановски, сопственик на фирмата „БМЈ Медиа груп“. Вчера увид во доказите извршиле осомничената Јасна Мандиќ, потпретседателка на невладината организација, и Христина Блажевска, асистентка на Јовановски и во организацијата. и во поранешната „1 ТВ“.

Досега ниту едно од петте лица, ниту пак нивната одбрана, самите не побарале увид во доказите, по што биле повикани од Обвинителство. По увидот, од наредната недела истите лица ќе бидат повикани да дадат исказ. По отворањето на истрага за „Измама", „Перење пари" и за помагање во тие кривични дела, на Јасна Мандиќ и` беше одредена мерка куќен притвор, а за другите осомничени мерки за претпазливост -  одземање на патна исправа, забрана за напуштање на престојувалиштето и еднаш неделно да се јавуваат во судот. Првоосомничениот  Бојан Јовановски  остана во притвор.

Со умисла и измама до еден милион евра

Истрагата против петмината беше отворена на 9-ти октомври. Како што соопшти тогаш ОЈО, врз основа на предистражната постапка надлежниот обвинителот дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице (Меѓународен Сојуз), искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Откако лажно прикажал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, тој од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела, изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација.

„Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, беше наведено во соопштението на ОЈО.

Die mazedonische Staatsanwaltschaft ermittelt gegen Frosina Remenski
Ременски изјави дека не чувствува вина за случувањата во Меѓународниот сојузФотографија: DW/P.Stojanovski

Во октомври, откако даде исказ пред судија на претходна постапка, Ременски, повтори дека не чувствува никаква вина, како што изјави и кога беше повикана во ОЈО за  случајот „Рекет“

„Јас и кога давав исказ како лице кое треба да даде определени инфирмации во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кажав дека не чувствувам вина за случувањата во Меѓународниот сојуз, каде што бев почесен претседател“, изјави таа.

Парите префрлени, центрите ги нема

Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ беше вклучена во два проекта на Јовановски: потпретседателка на Меѓународниот сојуз каде претседател беше Бојан Јовановски, а според податоците од Централниот регистар – таа беше и  директорка на  „1 ТВ", чиј сопственик е фирмата „БМЈ Медиа груп", каде и таа имала свој удел.

„Меѓународниот сојуз - Скопје" подолг период беше најавувана како организација преку која ќе градат европски центри за возрасни лица. За овие проекти, двајца домашни бизнисмени префрлиле околу милион евра на лични банкарски сметки: битолскиот бизнисмен и сопственик на градежното претпријатие „Пелистер" ,Силјан Мицевски,  префрлил 719.905 евра на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, а стружанецот Ардијан Амзоски од градежната фирма „Дрим билдинг“ уплатил 233.821 евра на сметка на Јасна Мандиќ. Со парите на Мицески наводно требало да се изградат такви центри во Битола и во Охрид, а со парите на Амзоски во скопската општина Карпош. Но, и по една, односно две години од нивните уплати, изградбата на тие центри воопшто не започна.