Рекордна задолженост на САД
28 април 2011Задолжувањето има долга историја во американската политика. Тогашниот американски претседател Роналд Реган, од редовите на републиканците, во 1984 година рече: „Зголемувањето на даноците е кукавички! Намалувањето на непотребните трошоци во државниот апарат е нашиот избор и така ќе продолжиме.“
Намалување на долговите во времето на Клинтон
За време на неговиот мандат од 1981 до 1989 година Роналд Реган ги намали даноците и ги зголеми давачките за државата, но тоа не донесе профит, туку зголемување на долговите на државата. Неговиот следбеник Џорџ Буш изјави:
„Читајте од моите усни: Нема нови даноци!“
Според аналитичарите на изборите, оваа изјава беше одлучувачка за победата на Џорџ Буш сениор на претседателските избори во 1988 година, но исто така поради тоа не доби втор мандат.
Имено, лошата економска состојба и мнозинството од демократи во Конгресот на САД го принудија да го прекрши предизборното ветување, и во 1990 година тој ги зголемува даноците. Во 1993 година Џорџ Буш сениор ја предава претседателската функција на демократот Бил Клинтон. Во говорот на почетокот од мандатот Клинтон изјави: „Мојот план значително ќе ги намали државните долгови. Јас ќе планирам врз основа на најмалите проценки на данокот, а не како останатите досега, кои секогаш се надеваа на највисоките можни приходи од даноците.“
Клинтон имаше среќа оти стана претседател во времето на економскиот пораст во САД. Во времето на Клинтон, до 2001 година државните долгови се намалија речиси за 15 проценти.
Повисоки даноци за богатите
Наредниот американски претседател, републиканецот Џорџ В. Буш, повеќепати ги намали даноците, воведе нови социјални програми, а по терористичките напади од 11 септември 2001 година, ја започна скапата „војна против теророт“ во Ирак и Авганистан. „Нашиот план за буџетот е насочен кон најнеопходното. Тоа пред се‘ значи одбрана на нашата земја од терористите“, изјави Џорџ В. Буш.
Во текот на неговиот мандат пораснаа државните долгови на САД, а Американскиот конгрес ја покачи горната граница за задолжување на највисоко ниво во историјата на САД. Тоа остро го критикуваше сегашниот американски претседател, демократот Барак Обама: „Уште пред единаесет години, во 2000 година, имавме плус во државната каса. Потоа се намалија даноците, исто така и за богатите, милионерите и милијардерите. Учествувавме во две војни и воведовме скапа програма за борба против дрога, но ништо од тоа не плативме.“
Обама планира во наредните дванаесет години да ги намали долговите на САД за четири милијарди долари, со зголемување на даноците за побогатите и со кратења во владиниот апарат.
Мандатот на Обама започна во времето на длабока економска криза, кога државните долгови на САД изнесуваа 85 проценти од бруто домашниот производ, а според проценките на Европската комисија годинава ќе пораснат речиси до 100 проценти. Долговите на САД во моментов изнесуваат околу 14,2 милијарди долари, односно околу 9,7 милијарди евра.
Автор: Јулија Хумелзип / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска