Ред охрабрување, ред критика
4 септември 2008Потребни се суштински реформски напори во исполнувањето на осумте клучни критериуми од страна на Македонија, за земјата да може да почне преговори за членство во ЕУ, порача еврокомесарот за проширување Оли Рен денеска во Брисел по средбата со вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски и шефот на дипломатијата Антонио Милошоски.
Според еврокомесарот мора да се преземат мерки со кои ќе се осигура дека во Македонија ќе се одржуваат демократски избори без инциденти како до сега. Рен побара владата да обезбеди и функционирање на демократските институции како и политичкиот дијалог во земјата. Еврокомесарот Оли Рен оцени и дека Македонија добро напредува во делот на визна либерализација.
Како што информираа од Сектератијатот за европски прашања, потпретседателот на Европската комисија Жак Баро, на средбата со Боцевски најавил дека Македонија може да очекува укинување на визите во текот на 2009 година.