1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Регуларни избори за позитивен сигнал од НАТО

Александар Чомовски12 јуни 2006

Парламентарните избори ќе бидат тест за Македонија пред самитот во Рига,порача денеска во Скопје генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер

https://p.dw.com/p/Ac5t
Првиот човек на НАТО,Шефер
Првиот човек на НАТО,ШеферФотографија: AP

Знаме на НАТО,почесна гарда на АРМ пред владата,директен пренос преку националниот телевизиски сервис на прес конференцијата.Од утре во Авганистан ќе одат нови 90 војници на АРМ,во антитерористичката коалиција,доволно за значењето на посетатат на генералниот секретар на Алијансата.Вторпат за една година,а таа е темпирана во екот на изборната кампања.Тајмингот не е случаен и затоа Јап де Хоп Шеффер почувствува потреба за дообјаснување пред новинарите,на кои им рече дека е неутрален во македонските избори и тоа повеќе од 100 проценти.

Нивното демократско спроведување на петти јули го означува како еден од најзначајните тестови за македонската апликација во НАТО и можниот сигнал од самитот на Алијансата во Рига.На него ќе се разгледува и акциониот план за реформи на Јадранската тројка:Албанија,Македонија,Хрватска.

-Ако Македонија продолжи со реформите,вклучувајќи го и одржувањето на изборите,таа ќе биде во позиција да прими позитивни сигнали од Рига,рече Шефер.

Тој меѓутоа одби да прецизира дали тоа ќе биде покана за членство.

Пред генералниот секретар на НАТО ниту премиерот Бучковски не ја повтори вчерашната прецизна проценка дека до 2008 година Македонија ќе добие покана за членство во НАТО,што очигледно на лидерот на СДСМ и премиер му користи во предизборните настапи пред изборите на 5. јули.

-Иако навидум изгледа дека НАТО е само синоним за безбедноста,нејзин гарант,тој има исклучителна улога и за подобрување на целокупниот амбиент.И на крајот,јасно ни е дека,онака како што кажа генералниот секретар,вистинскиот тест за Република Македонија,од кој зависи дали и натаму ќе имаме ваква јасна атланска и евроатланска перспектива,се следните парламентарни избори.Јас сум убеден дека граѓаните на Македонија со притисокот кој ќе го извршат на политичарите, ќе направат атмосфера во која на крајот секој ќе биде подготвен да ги признае резултатите.

Премиерот Бучковски на петгодишнината од косовската криза јавно му се заблагодари на Шефер за придонесот на НАТО во решавањето и смирувањето на конфликтите во регионот.