1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реална вклученост, а не празна импровизација

22 јуни 2009

Проширувањето на македонскиот преговарачки тим со претставник од албанскиот политички блок спроти продолжувањето на преговорите за името со Грција, во Македонија создава зголемени надежи и очекувања, но и предупредувања.

https://p.dw.com/p/IWIZ
Претставникот на албанскиот политички фактор не треба да биде само декорФотографија: Petar Stojanovski

Универзитетскиот професор за европски студии на Државниот универзитет во Тетово, Фејзула Шабани е категоричен во врска со улогата на претставникот на албанскиот политички фактор во преговарачката екипа и напоменува: „Тој не треба да биде тука само декор, само да се појавува во весниците. Тој фактор треба да се праша во тие преговори, треба и тој да биде вклучен во преговорите, да даде свое мислење, да даде свој придонес за решавање на спорот со името.“

Никола Сталевски, истражувач за меѓународна политика и евроинтеграции во Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, дополнува: „Треба да има учество и на членови на други етнички заедници во процесот на преговарање, бидејќи тоа ќе создаде дополнително внатрешно чувство за заедничка мисија, за заедничка цел, и кон надвор ќе прикаже во исто време - јачина и сплотеност во врска со тоа прашање.“

„Да имаме слога“

Дојче Веле праша дел од граѓаните на Тетово од различни етнички припадности: што очекуваат од новиот циклус на преговори со Грција и како го коментираат вклучувањето Албанец во тој процес? Одговорите гласат:

Straßenszene in Pristina, Kosovo
Граѓаните велат: „Ако не‘ видат разделени, секој ќе си игра со нас“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Според тоа каква е ситуацијата, општо земено, би требало да помогне да се разреши нашава состојба.“

„Добро е, зашто не? Треба да учествуваме насекаде, се‘ заедно!“

„Сите да сме заедно, да се искажеме со ист глас, дека живееме сите заедно. Би било подобро за нас.“

„И да имаме слога, како еден. Јас не гледам разлика меѓу Македонецот и Албанецот, ние сме еден, еден треба да бидеме, блиски. Кога ќе видат разделеност, тогаш секој ќе си игра со нас.“

Раководење од државните интереси на Македонија

Алберт Муслиу, политички аналитичар од невладиниот сектор од Гостивар, смета: „Не може кај Албанците да има еден единствен претставник, без развивање внатрешноалбанска политичка дебата од страна на албанските политички партии и од другите структури – интелектуалци, академици, универзитети. Треба да се заземе став кој тој ќе го пренесе – ако сакаме вклученост на Албанците во преговорите.“

„Вклучувањето и на албанскиот етникум во преговорите за името е позитивно за надворешната позиција на Македонија, но сите истапувања на македонските преговарачи треба да бидат водени од државните интереси“, нагласува Никола Сталевски и посочува: „Нема потреба да се назначува преговарач од друга етничка заедница, ако тој ја користи таа позиција исклучиво за внатрешнопартиски, или за меѓупартиски пресметки во Македонија, ако таа позиција се користи со некој етнички предзнак.“


Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска